spres150114 resizeСашо Велески – Претседател на ОО на СДСМ, Прилеп

Почитувани,
Катастрофата со откупот на тутун од годинешнава реколта, како и состојбите со лошото и недомаќинско менаџирање на Тутунскиот Комбинат од Прилеп, добиваат крајно загрижувачки размери.
Загубите од фантастични над 70 милиони евра на Тутунскиот комбинат, кои партиските послушници на Груевски ги направија во изминативе 7 години, завчера го добија својот краен епилог, на директна штета на кооперантите.
Имено, за прв пат од своето постоење, ТУТ-КОМ Прилеп го прекина откупот на тутун!


Со изречена забрана од страна на државниот инспекторат за земјоделие, заради необезбедени финансиски средства, е стопиран откупот на тутун во тутунскиот комбинат Прилеп.
Компанијата нема пари за откуп на тутунот, а тутунопроизводителите кои имаат склучено договори со Тутунски Комбинат се оставени на милост и немилост од страна на власта! Толку од грижата на ВМРО-ДПМНЕ за тутунарите!
Неспособните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, за 7 години го доведоа комбинатот буквално пред пропаст. Милионските загуби кои ги направија, Груевски ги претвори во траен влог на државата, со што им ги одзеде речиси сите акции на вработените, кои беа доминантни сопственици.
Да ги потсетиме прилепчани, изминативе години во бордот на директори продефилираја многу истакнати кадри на ДПМНЕ, назначувани директно од премиерот Груевски:
Никола Тодоров – актуелен Министер за здравство,
Виктор Мизо – Директор на агенција за технолошко развојни зони,
Зоран Јолески – актуелен Преговарач за спорот со името,
Тони Димитриески – поранешен Директор на УЈП,
Панче Дамески –актуелен Пратеник во Собранието на Р.Македонија
Овие господа, се директни виновници за катастрофалната ситуација во која моментално се наоѓа прилепскиот тутунски комбинат. Сите заедно, на чело со Груевски и министерот за земјоделие Димоски, треба да им се извинат на тутунарите, а моменталното раководство на комбинатот да си поднесе неотповиклива оставка.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Панче Дамески, наместо да ги правда состојбите во комбинатот со превработеноста, треба да одговори, зошто после две години поминати во бордот на директори, не остана да ги решава проблемите, туку побегна и се вдоми во удобната пратеничка фотеља?
Го повикуваме премиерот Никола Груевски, да дојде во Прилеп и пред затворените врати на откупот во Тутунски Комбинат, да ја повтори неговата изјава дадена на 28 Август 2013 во Прилеп, дека откупот на тутун годинава ќе помине стабилно, со соодветна динамика, без поголеми проблеми, со просечната цена од 180 ден, а за поквалитетниот и над 200 ден за килограм.
Почитувани тутунопроизводители,
Иако сме во опозиција, Ви ветуваме дека ќе направиме се за да Ви помогнеме. Ќе алармираме, ќе предупредуваме и ќе ја притискаме владата на ВМРО-ДПМНЕ за она што го заслужувате. Идната влада на СДСМ, ќе се избори да добиете вистинска цена за својот производ и за вашиот труд.
Ви благодарам