Со овој Статут Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги уредува: името, седиштето на Партијата; симболот и знамето на Партијата; политичките цели на дејствување, остварување на јавноста во работата и начинот на дејствување; условите и начинот на зачленување и престанокот на членството; правата, обврските и одговорностите на членовите; застапувањето и претставувањето на Партијата; органите на Партијата, начинот на нивниот избор и отповикување, траењето на мандатот и начинот на одлучување; стекнување и располагање со средствата, престанок на Партијата, како и други прашања од интерес на членството и работењето на Партијата.

НАЧЕЛА И ЦЕЛИ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е самостојна политичка партија на слободни и одговорни членови кои дејствуваат заради остварување на следните основни политички начела и цели:

  • Целосно почитување на човекот, неговото достоинство, права и слободи, согласно највисоките цивилизациски и демократски придобивки
  • Развивање на демократијата и обезбедување еднаквост на граѓаните
  • Натамошна изградба на Република Северна Македонија како суверена, демократска и правна држава, која почива на темелните вредности на нејзиниот уставен систем, обезбедува плуралност и слобода на медиумите
  • Унапредување на еднаквите можности на жените и мажите
  • Изградба на општество на еднакви шанси и социјална правда, во кое ќе бидат гарантирани економските слободи и заштитата на правата од работа
  • Развивање на пазарно стопанство кое ќе обезбедува одржлив раст и создавање работни места во услови на рамноправност на стопанските субјекти
  • Втемелување и примена на европските вредности во Северна Македонија и нејзино членство во ЕУ и НАТО
  • Афирмација на правата и зголемување на шансите за најранливите категории и маргинализираните поединци и групи
  • Обезбедување на услови за развој на науката, образованието, културата и спортот
  • Развивање одговорен пристап кон животната средина и природата
  • Негување на културните вредности и историските придобивки на Северна Македонија и на сите заедници кои живеат во нејзините граници
  • Настојување за обезбедување на правата и слободите гарантирани со меѓународните документи за Македонците во соседните земји и развивање на постојана културна, социјална и економска комуникација со нив и со иселениците
  • Почитување на антифашизмот како цивилизациска придобивка на современиот свет
  • Унапредување и афирмација на меѓуетничкиот соживот и меѓурелигиска толеранција и дијалог
Конгресот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, врз основа на член 14 ст.1 и чл.16 од Законот за политичките партии, на ден 25.10.2020 година ги усвои следните измени и дополнувања на Статутот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија:

Целосната верзија на Статутот на СДСМ можете да ја преземете ТУКА.