Во организација на Општинската организација на СДСМ-Прилеп, синоќа во центарот на градот беше организиран предновогодишен хуманитарен базар

Средствата собрани од хуманитарниот настан ќе бидат наменети за помош на ранливите категории на граѓани со цел и тие, како што велат прилепските социјалдемократи, барем на кратко да ја почувствуваат магијата на Новогодишните и Божикните празници.

Во изјавата за медиумите, претседателот на ЛК на СДММ-Прилеп, Александар Ѓорѓиоски, рече:

„Да им се помогне на немоќните, на сиромашните, не значи само општествена одговорност на одредена институција или на поединецот. Помагањето, дарувањето, е чин на хуманост и емпатија кон оние кон кои животот не бил многу дарежлив.

А кога локалната власт ќе затаи по ова прашање, кога ќе покаже отсуство на елементарна грижа секојдневните потреби на пошироката заедница, тука сме ние, граѓаните.

Новогодишните и Божикните празници се повод да им подадеме рака на ранливите категории на граѓани, со цел секој од нив барем на кратко да ја почувствува празничната магија.

Токму затоа Општинската организација на СДСМ – Прилеп го организира овој предновогодишен хуманитарен базар.

Издвојувајќи дел од семејниот буџет, а согласно начелата на социјалдемократијата, членовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од нашиот град уште еднаш својата хуманост ја покажаа на дело.

Сите средства собрани од денешниот хуманитарен базар, ќе бидат наменети за нашите сограѓани на кои во овој момент помошта им е најнеопходна“.