Валентин Божиноски – Член на Совет на Општина Прилеп од редовите на ОО СДСМ Прилеп
Почитувани граѓани,
Тоа што го тврдевме додека бевме во опозиција, дека тогашната локалната власт во Општина Прилеп на чело со Марјан Ристески тргнала по криминалните стапки на Никола Груевски, сега се констатира и од страна на полицијата.
Тврдевме дека извештајот на Државната ревизија, е доказ за криминалното и коруптивно трошење на парите од Општина Прилеп. Врз база на извештајот, лани, Општинската организација на СДСМ Прилеп поднесе кривична пријава против тогашниот градоначалник Марјан Ристески и НН лица.
Помеѓу другите сомнежи во пријавата, наведовме дека општината набавувала нафта за греење без евиденција за прием на горивото, на залихата што останувала и без попис на крајот од годината.
Полицијата, постапувајќи по отворен предмет на Основното јавно обвинителство Прилеп, врз основа на наоди од Државниот завод за ревизија, извршила проверки и констатирала дека во 2015 и 2016 година Општина Прилеп проектирала и набавила далеку поголеми количини нафта за греење од реално потребните.
Иако реалната потреба за набавка на екстра лесно масло за греење на новата општинска зграда на општина Прилеп изнесувала најмногу 10.000 литри по грејна сезона, сепак за 2015 и 2016 година општината исплатила вкупно 66.725 литри повеќе, без реално оправдување за таквата количина.
Врз база на овие наоди, до Основното јавно обвинителство, полицијата поднесе Известување за постоење на основи за сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“ против:
-Марјан Ристески – поранешен градоначалник на Општина Прилеп;
-Дарко Рибароски – раководител на одделение за општи и заеднички работи при локалната самоуправа;
-Кире Н. – домар и лице задолжено за прием и надзор на набавката;
-Александар Талимџиоски – секретар на Општина Прилеп.
Спротивно на одредбите на Законот за финансирање на локалната самоуправа и на Законот за извршување на буџетските средства, наменските средства за греење на општината биле проектирани на ниво далеку од реално потребното, при што пријавените, секој во рамки на своите надлежности во текот на 2015 и 2016 година, предизвикале штета на буџетот на Општина Прилеп во вкупен износ од околу 41.000 евра.
Почитувани,
Македонија станува правна држава со нула толеранција за корупција, во која секој што ги прекршил законите ќе одговара за своите постапки.
Со почит,
Центар за комуникации со јавност
ОО СДСМ Прилеп