Прес на Сашо Велески – член на Совет на Општина Прилеп
Почитувани,
Хаосот со избирачкиот список постои и во Прилеп.
Се потврдува дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ преку изборна измама ја погазиле слободната волја на граѓаните, слободната волја на прилепчани.
На оваа адреса пред којашто сега стоиме, „Ленин“ Бр.104, избирачкиот список покажува 18 регистрирани гласачи, иако во куќата живее семејство коешто брои само 4 членови!
Апсурдот оди до таа мера, што дел од регистрираните гласачи на оваа адреса имаат скоро идентично име и презиме. Само една буква е различна.
Ниту еден од тие лица, не живее на Ул. Ленин бр.104!
За апсурдот и манипулацијата да биде поголема, на ул.„Архиепископ Доситеј“ бр.104 , коешто е новото име на ул.„Ленин“ има уште 5 други запишани гласачи, идентично, со презиме во коешто е промената само една буква.
Ова се само дел од стотиците такви примери во Прилеп!
Вчера јавноста слушна за 56 регистрирани гласачи во полу распадната куќа со адреса на Ул. „Круме Волнароски“ Бр.65.
На адресата на социјалната зграда во населбата Точила, којашто се уште не е вселена, а веќе има регистрирани 23 гласачи.
На адресата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија, избирачкиот список покажува 11 регистрирани гласачи!
Ваквиот хаос со избирачкиот список, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски организирале криминални избори со фантомски гласачи и злоупотреби на институции.
Еве го начинот на кој и Марјан Ристески, веќе 11 години опстојува како градоначалник на општина Прилеп, кој за жал го отспива третиот мандат, на штета на прилепчани.
Овој хаос мора да престане. Во Македонија мора да важи правилото: еден човек – еден глас.
Ги охрабруваме сите граѓани да се вклучат во пречистувањето на избирачкиот список и да ги пријават сите неправилности до Државната изборна комисија и на телефонскиот број отворен од СДСМ.
Во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и слободни медиуми.