Хари Локвенец – Кандидат за градоначалник на општина Прилеп
Почитувани,
Пророштвото на Маите вели дека светот ќе го снемало на 21.12.2012. Сигурно е дека овие бабини деветини нема да се остварат, ама исто така е сигурно дека и нашиот град пропаѓа во беда и сиромаштија.
Сега е 12.12.2012, и е 5 до 12. Ама навистина е 5 до 12. Крајно време е да најдеме излез од бедата и сиромаштијата. Ни треба развој на економијата, нови работни места и повисок животен стандард. Ни треба НОВА НАДЕЖ за Прилеп!
Затоа сакам да Ви го презентирам нашиот проект „Чиста петка!”. 50, 500, 5000 ! Ќе обезбедиме 50 милиони евра инвестиции, 500 акумулации и услови за 5,000 нови работни места! Чиста петка за новата надеж во Прилеп!
За да тргне Прилеп напред треба да создадеме 5,000 нови работни места. Тоа е потребно за да ги задржиме младите, и да го кренеме животниот стандард. Како ќе го направиме тоа?
Со развој на земјоделието и на индустријата. Тоа се двата столба за развој на прилепската економија. Затоа ќе обезбедиме 50 милиони евра инвестиции од буџетот на општината, од домашни и странски инвестиции и од европските фондови.
Ќе изградиме 500 микроакумулации. Со тоа ќе порасне вредноста на 20.000Ха земјоделско земјиште, ќе има подобар и побогат род, поголем принос, повеќе пари за земјоделците.
Заедно со гасификацијата која ќе ја спроведеме по примерот на Струмица и Куманово, ќе зајакне индустријата во градот. Трошоците за енергенси ќе се намалат за 40%, што ќе значи заштеда за фирмите, зголемување на профитабилноста и можност за отворање нови работни места.
За разлика од Марјан Ристески кој потроши 120 милиони евра, а оствари 0 акумулации и 0 нови работни места, уште еднаш ќе ви кажам дека проектот „Чиста петка!” предвидува инвестиции од 50 милиони евра, 500 акумулации и 5,000 нови работни места
Прилеп е град со богати ресурси, но за жал со сиромашни граѓани.
Мои прилепчани, заслужувате повеќе и подобро, и затоа ќе работиме домаќински и транспаретно!
Не го предлагам проектот „Чиста петка!”, затоа што тоа е лесно и примамливо, туку затоа што е неопходно и остварливо. Неопходен е економски развој, повисок стандард и нови работни места. Потребна ни е нова надеж. Затоа ни треба чиста петка. Ни помалку, ни повеќе.
Ви благодарам