Непотизам и богатење на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ Прилеп

Почитувани,

Непотизмот и богатењето на функционери од власта е симбол на криминалното владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Еве ги фактите за дел од прилепските функционери од власта, за непотизмот и нивното богатење.

Анкетниот лист на Никола Димески – Претседателот на Совет на општина Прилеп и прв човек на ОК ВМРО-ДПМНЕ, покажува дека покрај тоа што вози скап автомобил, направил високи девизни заштеди, а дури успеал и да даде на заем 1.680.000 илјади денари.

На кого Димески дал речиси 30.000 евра и дали од тој заем добива финансиски интерес, односно лихва?

Неговата сопруга, пак, е вработена како наставник во ООУ„Кире Гаврилоски – Јане“ во 2007 година кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ.

Анкетниот лист на Оливер Деркоски – актуелен неизвршен директор на АД Водостопанство на РМ покажува дека се стекнал со два станови во Скопје, од кои едниот токму во периодот кога бил и Генерален директор на Македонски железници – Транспорт.

Исто и тој дал заем од околу 13.000 илјади евра!

Во време на власт на ВМРО –ДПМНЕ, неговата сопруга Донка Деркоска е вработена во Јавна установа за згрижување деца – Скопје, после 4 променети работни места.

Неговиот брат се вработува во ЈКП „Пазари“ – Прилеп, а снаата за брат  во ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп.

Анкетниот лист на Димитар Стевананџија покажува дека во 2014 година, прилепскиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, се стекнал со стан, а претходно во 2010 година се подновил со скап автомобил.

Во 2008 година, неговата сопруга, Јулија Стевананџија се вработува во Здравствен дом Прилеп, а во 2014 година неговата сестра Марија Адамческа е вработена во Центар за јавно здравје – Прилеп. И двете добиваат специјализации во време на власт на ВМРО-ДПМНЕ, а во јавноста се уште постои дилема дали ги исполниле сите законски услови за стекнување на специјализациите.

Ситуацијата е слична и во семејството на пратеничката Ана Лашкоска. Нејзината мајка, Виолета Лашкоска, во 2007 е поставена за директор на ОУ „Добре Јованоски“ Прилеп.

Нејзиниот брат, Дејан Лашкоски во 2009 е назначен за член на Одбор на директори на ТУТ-КОМ Прилеп, со што е дел од комплетното уништување на овој прилепски гигант и од каде напушта со земена отпремнина од десетици илјади евра.

Неговата „универзалност“ доаѓа до израз во 2015 година кога е назначен за член на УО на ЈПВ „Студенчица“ – Кичево, а времето ќе покаже дали е тоа направено по законски пат, после примањето на отпремнината?

Додека, пак, неговата сопруга, Елена Келтаноска Лашкоска, во 2011 е вработена во ООУ„Кире Гаврилоски – Јане“.

Посебно е интересен прилепскиот градоначалник во заминување, Марјан Ристески. Во анкетниот лист, како личен имот пријавил само куќа. А, пријавил и кредит во висина од 344.600 илјади денари, како и моторно возило, за коишто не дал никаков податок во чија сопственост припаѓаат.

Само ќе го потсетиме, дека во анкетните листови на ДКСК се ставаат сите промени на имот во потесната фамилија, а за нивното невнесување законски се одговара, зашто во иднина ќе биде проверено.

Неговата сопруга, Фанче Ристеска, експресно го врви патот од магистратура до доцент доктор и се вработува на Економскиот факултет во Прилеп.

Златко Ристески – првиот братучед на градоначалникот, последниве 10 години е директор на ЈКП „Комуналец“ Прилеп, а неговата ќерка е вработена во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.

Почитувани, за оваа тема има уште многу да се говори и тоа во континуитет ќе го правиме.

После 10 години криминал и грижа само за личните интереси, дојде времето кога Никола Груевски и неговите функционери ќе одговараат за сите злодела кон сопствениот народ.

Дојде крајот на богатењето на фамилијата, додека народот гладува и мизерува, а младите неповратно ја напуштаат Македонија.

Народот ќе ги стави Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во мрачниот дел од македонската историја.

Правда ќе има, а Македонија ќе биде општество со еднакви можности за сите!