Марјан и Златко Ристески – Џекчето го заглавија ЈП Комуналец

Zvonko pres 15 03Обраќање на секретарот на О.О СДСМ  Прилеп и кандидат за советник – Звонко Јованоски

 

Почитувани,

Во пресрет на скорешните локални избори, граѓаните на Општина Прилеп полека ги одбројуваат последните денови од осумгодишното владеење на Марјан Ристески и ВМРО-ДПМНЕ.
Она што неуспешниот градоначалник Марјан Ристески му го остава во наследство на неговиот наследник Хари Локвенец, се огромна сиромаштија, рекордна невработеност и презадолжени јавни претпријатија. Во силната конкуренција на екстремно лоши партиски директори на ДПМНЕ, лидер во неодговорното и недомаќинското раководење е директорот на ЈКП „Комуналец”, првиот братучед на Марјан Ристески, Златко Ристески.
Откако го преполни со партиски војници, братучедот на градоначалникот во заминување, за само 8 години успеа јавното претпријатие да го доведе пред банкрот. За тоа, впрочем, најдобро зборуваат бројките.
• Непочитувањето на колективниот договор го чини „Комуналец” 800.000 евра, пари кои по основ на разни надоместоци директорот Ристески треба да им ги исплати на вработените;
• 550.000 евра изнесува долгот кој „Комуналец” го има кон државата за неплатен ДДВ;
• Обврските кои „Комуналец” ги има кон разни добавувачи ја достигнаа сумата од 550.000 евра;
• Висината на сумата на име неисплатени бруто плати за последните 2 месеци изнесува повеќе од 200.000 евра.
Сума сумарум, вкупните финансиски обврски на ЈКП „Комуналец” во моментов изнесуваат околу 2.000.000 евра! Или, тоа е сума приближно на две годишни плати за вработените во претпријатието.
Ги повикуваме братучедите Марјан и Златко Ристески да им објаснат и на вработените во „Комуналец”, но и на жителите на Општина Прилеп, на кој начин се направени овие огромни финансиски долгови и како планираат јавното претпријатие да го извадат од катастрофалната состојба?
Она што во оваа прилика можеме да им го ветиме на нашите сограѓани, е дека после победата на коалицијата „Сојуз за иднината” и на нашиот кандидат за градоначалник Хари Локвенец, сите оние кои на било кој начин придонесле за финансискиот колапс на ЈКП „Комуналец”, ќе бидат изведени пред лицето на правдата!