Каде се вработија над 17000 прилепчани?

pres201113Филип Попоски – Портпарол на ОО на СДСМ Прилеп.

Почитувани,
Груевски и власта прават неверојатни манипулации со бројката на невработени.
Еве до каде оди нелогичноста на нивните информации и безобразието во потценувањето на сопствените граѓани.
Според официјалните податоци,
-Во декември 2006 година во Прилеп имало 24.402 невработени граѓани.
-Во Септември 2013 година има 7.082 невработени?!
Ова значи, дека за 7 години во Прилеп се отвориле дури 17.320 нови работни места!
Или, според истата официјална статистика, само во 2013 година, во Прилеп се вработиле 4.840 граѓани?!
Ако е сето ова така, ги повикуваме премиерот Груевски и градоначалникот Марјан Ристески, да кажат, каде и во кои фирми и фабрики се вработиле над 17 илјади прилепчани, како што тврдат? Или, каде се вработија речиси 5-те илјади граѓани, оваа година?

Дали е тоа во 37-те нови фабрики, што ги ветија, а никако да се појават во слободната економска зона „АЛИНЦИ”? Која со години стои празна, без никаква инфраструктура. Или во некои други, исто такви имагинарни фабрики и погони, видливи единствено за Груевски, Ристески и власта.
Почитувани,
Ниту се отворени нови капацитети, ниту прилепското стопанство, исцедено и клекнато на колена од казни, може да продуцира нови работни места.
Прилеп е рекордер по невработеност во Македонија, во оваа наша држава, со најголема стапка на невработеност во Европа!
Наспроти лото манипулациите од власта, СДСМ, како одговорна партија, секој ден пред граѓаните излегува со конкретни и остварливи мерки за подобрување на животниот стандард. Идната сабота на 23.11.2013, во 18 часот, во Домот на Културата „Марко Цепенков” во Прилеп, ќе бидат презентирани предлог мерките со кои СДСМ е уверена дека ќе го врати достоинството на прилепчани и граѓаните на Македонија!