Прес-конференција на Моника Грашеска, координаторка на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот на општина Прилеп

Одлуката на Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници при Советот на општина Прилеп, награда за животно дело по повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп да му додели на владиката Петар, е најблаго речено – скандалозна!

Не постои ниту една издржана причина, ниту еден аргумент кој оди во прилог на донесената одлука. Напротив, фактите се немилосрдни и го кажуваат спротивното.

Имено, според Уставот Македонија е секуларна држава, што значи дека постои јасна одвоеност меѓу државата и религијата. Од тој аспект, доделената награда на владиката Петар претставува преседан во долгогодишната историја на доделување на Третоноемвриските награди.

Истовремено, владиката Петар, односно Јован Каревски како што гласи неговото крстено име, ниту е роден во општина Прилеп, ниту било кога бил нејзин жител.

Конечно, доделувањето Третоноемвриска награда за животно дело на владиката Петар, наспроти плејадата докажани интелектуалци, професори, лекари, научни работници, уметници, спортисти и други истакнати прилепчани од разни професии, претставува девалвирање на граѓаните на општина Прилеп и обезвреднување на највисоката општинска награда.

Почитувани сограѓани,

Намерата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да го партизира секој сегмент на нашето живеење, како канцер го разјадува македонското општество. Доделената награда на владиката Петар, е дел од тоа сценарио.

Од тие причини, ги повикуваме претседателот на Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници, Игор Николоски, претседателката на Совет на општина Прилеп, Ирена Стерјоска и градоначалникот Борче Јовчески, да ја отповикаат одлуката за доделување награда за животно дело на владиката Петар.

Доколку тоа не го направат, советничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Коалицијата, нема да присуствуваат на свечената седница на Советот на Општина Прилеп по повод Денот на ослободувањето на градот, 3 Ноември.