Почитувани граѓани,
После долги години неизвесност и изолација, Македонија се враќа на правилниот пат.
Историската одлука за влез во НАТО и ЕУ, пред која сме денес исправени, носи огромни придобивки за нашата економија и повеќе пари за граѓаните.
Со пристапните преговори, а потоа и со членството во ЕУ, се отвораат нови европски фондови, а постојните ќе се зголемуваат.
Во моментот Европската унија одвојува 260.000 евра дневно како поддршка за Македонија. На годишно ниво тоа се 90 милиони евра коишто нашите европски пријатели ги вложуваат во нашата инфраструктура, земјоделието, здравството, образованието, младинските политики.
Македонија добива 15.5 милиони евра годишно преку ЕУ програмата за транспорт за патишта, мостови, железници, тунели и друга инфраструктура.
ЕУ оделува 15 милиони евра за земјоделството во Македонија за 2019 година.
Со полноправото членство средствата од овие фондови неколкукратно ќе се зголемат. Ќе се градат нови патишта, мостови, водоводи, канализации, училишта и градинки, за подобар живот на сите граѓани, за подобро утре на нашите деца.
Ќе се зголемат фондовите и за земјоделците. Тоа значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход и подобар производ.
Со влезот во Европската унија, влегуваме во пазар со 500 милиони потрошувачи, или 250 пати поголем пазар од нашиот домашен. Таквиот пазар гарантира зголемена побарувачка на нашите производи, сигурен пласман и далеку повисоки откупни цени.
Инвестициите ќе растат, а невработеноста ќе се намали.
Загарантирана е и безбедноста на нашата држава. Европските пријатели одделуваат 8.5 милиони евра европски пари за заштита на границите на Македонија во 2018 година.
Почитувани граѓани, и вредносно и цивилизациски припаѓаме во ЕУ и НАТО.
Затоа, на 30-ти септември да го направиме одлучувачкиот чекор. Да излеземе и да заокружиме ЗА европска иднина, ЗА европска Македонија.