Локвенец до Груевски: Само губитник во очај меша фамилија за ситни политички поени

Hari ObrakjanjeОбраќање на кандидатот за градоначалник Хари Локвенец до Никола Груевски

 

Премиере,

На митингот во Прилеп, искажавте навреди за мене и за татко ми. Искрено да Ви кажам бев изненаден од тој ваш потег.

Сметав дека јас и Вие имаме нешто заедничко. Тоа е почитта кон нашата христијанска религија и почитта кон семејството. Во духот на христијанската љубов не смееме да зборуваме, да мислиме, а најмалку да правиме нешто лошо за фамилијата на било кој – па макар тоа да е нашиот политички конкурент или противник.

Освен тоа, јас сум татко на 3 сина, вие сте татко на 2 керќи. И двајцата знаеме дека за таткото децата се секогаш на прво место. Впрочем нема човек во Македонија, а не па во Прилеп, што мисли поинаку.

Само губитник во очај меша фамилија за ситни политички поени. На сите им е јасно дека губите. Ве прочита народот. Ви следи голема народна казна на 24 март. Нема да се спасите со очајнички потези.

Не барам да ми се извините мене лично. Треба да и се извините на целата македонска јавност. Срамота е премиер на 2 милиони граѓани да користи толку низок речник. Срамота е премиер на цела Македонија да се служи со ниски и валкани навреди. Срамота е за народот и државата.

Вашиот послушник, Марјан Ристески ги одмолча навредите. Молчеше и кога Вашата Благородна Дулиќ ги нарече Прилепчани мајмуни. Вашите послушници молчеа кога новинарите и пратениците со сила беа исфрлени од Парламентот на “црниот понеделник“. Молчеа кога изгласаа амнестија за Хашките случаи и го изгласаа Талат Џафери за министер.

Ама граѓаните на Прилеп повеќе не молчат. Кренаа глава. А кога Прилеп ќе се крене на нозе, нема враќање назад. Така било, така и ќе остани.

Над 60 дена Прилепчани беа лидери на отпорот. Што сакате правете, ќе ве издржиме уште 10 дена. Готови сте. На 24 март Ви следи голема народна казна.

Народот ќе гласа еднаш, ама ќе одлучи два пати. За нова надеж во градот херој, прилепчани ќе гласаат за мене за градоначалник и за листата на Сојузот за иднина. Освен тоа, ќе гласаат за Сојузот за иднина за да се врати демократијата и слободата во Македонија

На изборите на 24 март ПОБЕДУВАМЕ! А на 25 март јас ќе бидам новиот градоначалник на Прилеп.

Ви посакувам здравје и Господ да Ве чува од лошо. И Вас и целата Ваша фамилија.