Почитувани мои сограѓани,
Недозволиво е во 21 век, во нашата општина, се уште да има населени места без вода за пиење, без пристапни патишта до нивите, учениците да се оставени без превоз, жителите без можност да ги купат потребните намирници, храна, лекови, да доаѓаат секој ден во градот и да ги остварат своите потреби.
Затоа, приоритети со мојата програма „Живот во Прилеп, за сите“, се населените места: Мало и Големо Коњари, Алинци, Галичани, Селце, Чепигово, Мажучиште, Лагово, Веселчани, Радобил, Ракле, Беловодица, Канатларци и Кадино село и сите други.
Во сите населени места коишто се во рамките на општината, каде што нема водоводи ќе обезбедиме вода. Паралелно ќе обезбедиме квалитетно улично осветлување, за нормално одвивање на сообраќајот и живот и во вечерните часови.
Ќе изградиме поила за добитокот, зашто, ова е едно од вашите клучни, приоритетни барања.
Ќе изградиме пристапни патишта од населените места до селските атари, за да се овозможи непречено одвивање на земјоделските работи,
Ќе организираме задолжително, секојдневен превоз за сите жители од овие населени места, за да имаат меѓусебна комуникација, но и секојдневна комуникација со градот. Особено ќе водиме сметка за учениците, кои никако не смеат да бидат оставени без превоз.
Во текот на мојот мандат ќе ги започнеме и проектите за изградба на водоводи и соодветна канализација во населените места.
Имајќи во вид, дека живееме во општина каде што најголем дел од граѓаните се занимаваат со тутунопроизводство, во соработка со централната власт и во рамките на новата аграрна политика, веќе е донесена одлука за зголемување на субвенциите за тутунот.
Со измените на Законот за тутун од 2018г. ќе биде укината четвртата класа, па со фактот што ќе се врши откуп само во три класи, се зголемува во старт просечната откупна цена.
Висината на субвенции за трета класа ќе изнесува 60, за втора 70, а за прва класа 80 денари за секој предаден килограм тутун.
Достоинството на земјоделецот е мој приоритет. Достоинствен живот за граѓаните во населените места, кои што мора да се урбанизираат е мој императив.
Со овие активности, почнуваме веднаш со почеток на мојот мандат, на 16 октомври, секој чекор од напредокот, ќе го чекориме заедно.
Затоа драги мои сограѓани, ајде заедно на 15 октомври, да го заокружиме бројот 19, за да има живот во општина Прилеп, за сите!