Прес-конференција на Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ Прилеп
Почитувани сограѓани,
Градоначалникот на скандинавската Општина Прилеп, Борче Јовчески и неговата ВМРО-ДПМНЕ, го привршуваат четириесет и четвртиот месец откако со бесрамна лага ја презедоа локалната власт.
Велиме „бесрамна лага“, бидејќи кога некој нема да реализира ниту едно изборно ветување како што тоа го направија Јовчески и ДПМНЕ, тогаш нивното владеење не може да се дефинира никако поинаку.
Намалување на сметките за вода беше првата лага на ДПМНЕ и Јовчески, која стана двојно поголема откако локалните власти ја зголемија нејзината цена.
Ништо не бидна од бесплатниот оброк за учениците до четврто одделение, новите градинки за 500 деца, ниту од бесплатните униформи за децата од социјално загрозените семејства.
Нема кружни текови кај новата Автобуска станица, мостот „Табана“ и Градска кафеана, нема катна гаража помеѓу Општината и Поштата, нема 10 нови комбиња за градскиот превоз.
Мртво слово на хартија останаа ветените реконструкции на плоштадот „Александрија“ и „Арт“ плоштадот, како и Амфитеатарот во Варош.
Заради неспособноста на локалните власти на ДПМНЕ, фабриката за собирање и рециклирање отпад сеуште не го здогледала светлото на денот, иако уште пред две години Владата на СДСМ обезбеди средства за нејзина изградба.
Голема изборна лага беа и најавениот затворен пливачки базен, реконструкцијата на Старата чаршија, изградбата на Младински културен центар, поддршката на спортот, особено на младите спортисти преку субвенционирање опрема на спортските клубови.
Излажани се и жителите на населените места, на кои ДПМНЕ предизборно им вети изградба на водоводни и канализациони системи, поила и микро-акумулации за сточниот фонд, тампонирање на пристапните патишта до земјоделските површини.
Ветувањата, пак, од типот „Обновување на градскиот оркестар“, „Организирање на интернационален симпозиум за современа уметност“, „Организирање на саем за мермер“, беа спомнати само во изборната програма, никогаш и никаде повеќе.
За жителите на градот и населените места, реалноста е дијаметрално спротивна од предизборната листа на желби на Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ: граѓаните плаќаат повисоки сметки за вода, комунални услуги, паркинг и градски превоз, но и покрај тоа јавните претпријатија се дават во долгови. Улиците се изрешетани со дупки како кратери, градот е во темница, зад секој агол демнат кучиња скитници.
Фактите се немилосрдни и тие кажуваат дека општина Прилеп ја има најлошата и најнеспособна власт во нејзиното постоење.
Ако после четиригодишното катастрофално владеење на ДПМНЕ нешто може да им послужи како утеха, тоа е дека нивниот кандидат за градоначалник за претстојните локални избори нема да мора да пишува нова програма. Доволно ќе биде само да ја препиши истата од Борче Јовчески, која е целосно нова и „неотпакувана“!