Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) е основана на 9-ти ноември 1991 година и од тогаш постои и функционира како подмладок на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Формирана е како организација на слободни и одговорни членови кои ги прифаќаат Статутот и програмските определби на СДСМ како и Статутот и програмските определби на СДММ. Како партиски подмладок, таа активно учествува во сите активности на СДСМ, вклучувајќи ги тука и креирањето на програмата и политиките на оваа партија, притоа развивајќи самостојна политичка иницијатива и дијалог меѓу младите и другите субјекти во општеството.

Во таа насока, СДММ развива облици на политичко, интересно и струково организирање со цел да ги афирмира идејните основи, вредносните критериуми, демократската содржина и прогресивната oриентација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Социјалдемократската младина на Македонија дејствува заради остварување на следниве политички начела и цели:

  • целосно почитување на човекот, на неговото достоинство и на неговите основни права и слободи;
  • развивање на плуралистичко, праведно и солидарно општество на социјална демократија;
  • развивање на економска демократија и остварување на правата на работниците;
  • остварување на социјална и национална еманципација на граѓаните;
  • развивање на Македонија како суверена, демократска и правна држава;
  • обезбедување на сите човекови права и слободи на Македонците во соседните земји и развивање на постојана духовна и културна комуникација со нив и со иселениците;
  • развивање на европската ориентација во Македонија и нејзино непосредно вклучување во европските интеграциони процеси.

СДММ денес се залага за обезбедување на:развој на демократијата, зголемување на слободата и промовирање на еднаквоста; развој на економијата, стабилен животен стандард и намалување на сиромаштијата и невработеноста; создавање на нов социјален договор, за намалување на социјалните разлики и зголемување на граѓанската партиципација; за зајакнување на институциите на системот преку воведување на стандарди за професионалност и ефикасност; за промовирање на модел на корпоративно управување во промовирањето и имплементирањето на политичките решенија; поголема соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор; поголема соработка помеѓу власта и граѓаните; негување на политичката култура на дијалог и толеранција како инструмент за надминување на политичките, верските, етничките и сите други поделби кои постојат во Македонија; и конечно, целосна и успешна интеграција во НАТО и ЕУ.

Заради тоа ги повикуваме да нè поддржат и активно да се вклучат во нашите редови сите млади кои сакаат државата да биде економски поразвиена и социјално посигурна, сите млади кои веруваат дека интеграциите во НАТО и ЕУ ја зголемуваат безбедноста на државата и создаваат можности за економски развој, сите млади кои се радуваат што во Македонија има различни народи и култури кои мирно живеат и меѓусебно соработуваат.

Тоа се сите млади кои сакаат подобра иднина, тоа се сите млади кои ја сакаат Македонија!

УБАВИ КАКО РОЗА СИЛНИ КАКО ТУПАНИЦА НИЕ ДОАЃАМЕ!!!