spres0111Сашо Велески – Претседател на ОО на СДСМ, Прилеп

Почитувани,

Завчерашниот ребаланс на буџетот го покажа она што можеше и да се претпостави: заради прекумерното трошење, недомаќинското работење и грешните проекции на градоначалникот Марјан Ристески, касата на локалната самоуправа е празна.

Со усвојувањето на ребалансот, на виделина излезе сето она на што Социјалдемократскиот сојуз подолго време предупредува: дека граѓаните ќе живеат во сиромаштија која зема се’ поголем замав, и дека огромните давачки и казни придонесоа инвестициите на домашните стопанственици да бидат рамни на нула.

Впрочем, бројките тоа најдобро го покажуваат: вкупната сума за која се намалуваат приходите од продажба на општински имот, од надоместокот за уредување на градежно земјиште, како и даночните и капиталните приходи, изнесува неверојатни 183 милиони денари.

Социјалдемократскиот сојуз тврдеше дека програмата на градоначалникот Ристески со која тој настапи на последните локални избори, е нереална, дека е една голема заблуда и обичен популизам. После само 6 месеци од изборите, се покажа дека нашите тврдења биле на место. Еве и зошто:

• Улиците во градот и натаму ќе наликуваат на турска калдрма, бидејќи градоначалникот и ВМРО-ДПМНЕ укинаа 55 милиони денари наменети за изградба и реконструкција на локалните патишта и улици;
• Во населбата „Сточен пазар” нема да се гради училиштето кое Марјан Ристески им го вети на жителите на оваа населба, бидејќи се скратени предвидените 16 милиони денари за таа намена;
• Предизборна лага на ВМРО-ДПМНЕ беше и проектот за регулација на речното корито на градската река, од причина што со ребалансот на буџетот се пренаменуваат предвидените 17 милиони денари;
• Од една страна власта ветува изградба на пречистителна станица, а од друга страна дури за 14 милиони денари ги намалува средствата за изградба на системи за одведување и пречистување на отпадните води;
• Излажани се и жителите на населените места во Општина Прилеп, бидејќи, како и многу пати претходно, така и оваа година им се укинуваат предвидените 5 милиони денари за изградба на системи за водоснабдување;
• Со кратењето на 6,5 милиони денари, градоначалникот Ристески покажа дека ветувањето за реконструкција на детските градинки, било обичен политички маркетинг преку грбот на најмладите.

Почитувани,

Дека лицемерието на градоначалникот и на ВМРО-ДПМНЕ нема крај, најдобро кажуваат неколку показатели.

Така на пример, денес, кога буџетскиот дефицит на Општина Прилеп изнесува 75.836.000 ден., локалната власт го покрива со странски кредити, а невешто се обидува да ги прикаже како домашни приливи, за кој никој незнае од каде се.

Понатаму, како да се протолкува податокот дека, од една страна, Општината ги крати парите за изградба на училишта, градинки и патишта, а од друга страна со дополнителни субвенции од 17.000.000 ден. ќе ги покрива загубите и ќе ја исплаќа бројната партиска војска на ДПМНЕ вработена во јавните комунални претпријатија!?

Или, во време кога најголемиот дел од граѓаните на Општина Прилеп едвај крпат крај со крај, не е ли дрско и без осет на и онака високиот буџет, ставката со која располага градоначалникот Ристески, да се зголеми со нови 1,5 милиони денари?

Почитувани претставници на медиумите,

Како што еднаш рече Груевски, менторот на прилепскиот градоначалник, вистината е како шило: ќе боде, ќе боде, лево-десно, напред-назад и на крајот ќе исплива на површина. Вистината за лагите на градоначалникот Марјан Ристески покажува дека премиерот, како ретко кога, имал право.

Ви благодарам.