Еден од клучните проекти во мојата програма кога е во прашање непосредната комуникација на граѓаните со општината и нејзините служби, е „Проект 72“.
Со овој проект го подигнуваме на повисоко ниво функционирањето на Општината, кога е во прашање нејзината ефикасност во постапувањето по барањата на граѓаните.
Станува збор за дигитална апликација која ќе се состои од платформа, раководена од еден административен оддел во општината кој ќе врши распределба на бараните услуги до градоначалникот, советниците и општинската администрација.
Самата апликација ќе содржи услуги кои ќе овозможат контакт на релацијата градоначалник- граѓанин, советник- граѓанин, како и надградување на постојната апликација „Пријави проблем“со дополнителна алатка „Моето маало, моето село“. Со тоа се обезбедува подобар квалитет и контрола на општинските услуги кон граѓаните, што би резултирало со решавање на проблемите и барањата на граѓаните на нов модерен и едноставен начин, преку евиденција на барањето кое ќе се базира само на технички податоци и факти.
Она што посебно треба да се потенцира, е дека сите услуги понудени на оваа платформа се решаваат за период од 72 часа.
Со цел олеснување на вашата комуникација и ставање на општинските служби поблиску до Вас, го воведуваме и проектот „Службеник за тебе“.
Тоа подразбира секојдневно присуство на вработени во општината и јавните претпријатија на терен, меѓу граѓаните во урбаните заедници. Така, на самото место, во директна комуникација се бележат и во рок од 72 часа се процесираат проблемите, барањата и идеите на граѓаните.
Во оваа прилика ја најавувам и имплементација на проектот „Социјална мобилност“, односно ангажирање на службени лица кои помагаат во набавка и достава на намирници и лекови на стари и изнемоштени лица до нивните домови
Меѓусебната доверба на Општината и граѓаните ќе ја градиме и преку организирање на разни други форми на директна комуникација со поединци и целни групи.
Моја лична заложба е, како градоначалник на сите граѓани, заедно со избраните членови на општинскиот Совет, да бидеме достапни и ефикасни во решавањето на проблемите и потребите на локалната заедница.