sveles1Прес конференција,Сашо Велески, Претседател на ОО СДСМ Прилеп

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Проектот Вистината за Македонија продолжува од Прилеп. Градот херој, како што му доликува, се вклучува во враќањето на слободата, демократијата и правдата во нашата држава.

Јавноста слушна за изборниот криминал на Никола Груевски. Денеска ќе слушне нови, скандалозни докази за најдиректна злоупотреба на власта. Јавноста ќе слушне што значел упадот во Прилеп. Како ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Марјан Ристески затворале приватни фирми, угостителски објекти и кафетерии во Прилеп, по список. Со која леснотија делеле казни од неколку илјади евра. Секоја фирма што не одработувала за власта била на тапет. Замислете, власта сето ова го правела додека граѓаните на Прилеп едвај преживуваат, во еден од посиромашните градови во Македонија.

 

1) На почеток ќе слушнеме разговор меѓу Марјан Ристески и Миле Јанакиески. Од позиција градоначалник, Марјан Ристески му се жали на Миле Јанакиески дека им е паднат рејтингот во Прилеп. Ќе слушнете како за своите сограѓани Ристески смета дека се „специјалка“ и дека требало „нешто друго“ да се прави во градот а не улици.
Еве го тој разговор

 

Што е тоа „нешто друго“ за кое размислуваат Ристески и Јанакиески ќе слушнеме во следните разговори.

2) Следува сет од четири разговори.
Во првите два разговори од овој сет, ќе слушнете како Марјан Ристески измислува физички напад врз симпатизери или членови на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. Како бара помош од Гордана Јанкулоска за измислениот физички напад и како лаже дека инцидентот е пријавен во МВР. Но, ќе чуете и како лично, Гордана Јанкуловска потврдува дека никој физички не бил нападнат и дека таков настан не е пријавен во МВР.

Следуваат уште два разговори. Во првиот, меѓу Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески, ќе чуете како Јанкуловска вели дека Марјан Ристески е „тежок фолирант“ додека пак Ставревски посочува дека Ристески е „тотално нестабилен тип“.

Во последниот разговор од овој сет, Миле Јанакиески бара од Марјан Ристески на четири вработени во општина Прилеп да им „честита“ и да распише конкурс за нови вработувања во општината на, како што вели „вмровци“.
Да ги слушнеме овие разговори:

3) Следуваат два нови разговори. Во првиот ќе слушнете како Миле Јанакиески бара од градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, список на фирми наводно блиски до СДСМ. Посебен интерес Јанакиески изразува за фирма во сопственост на Хари Локвенец, тогашен кандидат за градоначалник на Прилеп.
Во вториот разговор од овој сет, се прави план за удар врз фирмите во Прилеп. Ќе слушнете како се бара казнување, рушење на шанкови, тераси и постепено отворање на, како што вели Миле Јанакиевски „војна таму“, „степенесто, да видат малку сила“.
Слушнете: (Снимки: 6,7)

4) Во новиот сет од четири разговори ќе слушнете што е тоа „нешто друго“ за кое размислуваа Ристески и Јанакиески и за што всушност Јанакиески го бара списокот на фирми од Прилеп.
Прво, ќе слушнеме еден, веќе објавен разговор во којшто Миле Јанакиески се фали дека направил упад во Прилеп, но и во Радовиш, Неготино и Струмица.

Потоа следува разговор помеѓу сопственикот на „Пелистерка“ Дејан, и Марјан Ристески. Замислете, овој бизнисмен, сопственик на фирма која го носи овој познат бренд, вели дека има список на кафетерии коишто бара да бидат затворени. Дополнително, најавува „сработување“, за ВМРО-ДПМНЕ да ја добие Општина Центар.

Во третиот разговор од овој блок, Зоран Ставрески, од позиција на министер за финансии, го советува Марјан Ристески да не покажува слабост туку сила. Внимавајте, Ристески како да е навреден, па му вели на Ставревски дека не само што не покажува слабост туку со хилти ќе ги ништел терасите од некои угостителски објекти и дека за таа суровост ќе кажувале телевизиите. Покрај Јанакиески и Ставрески бара список на фирми од Прилеп. „Не ги оставам така да дишат“, вели ладнокрвно Ристески.

Последниот разговор е подеднакво скандаозен. За Миле Јанакиевски и Марјан Ристески ништо нема свето. Ќе слушнете како се нафрлаат на Доситеј од манастирот св.Јован Бигорски затоа што бил пријател со Хари Локвенец. Како Јанакиески се сити што успеал да ја казни фирмата во сопственост на Локвенец за цели 11 илјади евра.

Да ги слушнеме овие разговори:

Ете до каде оди злобата на овие луѓе. Граѓаните на Прилеп знаат дека Хари Локвенец, цели 18 години досега е донатор на манифестацијата Водици на Ростушки мост, организиран од манастирот св.Јован Бигорски.

5) Во претпоследниот сет ќе слушнете два разговори. Фудбалски Прилеп, но и цела Македонија ќе слушне како Миле Јанакиески и Марјан Ристески договараат смена на тогашниот прв човек на ФФМ, исто така прилепчанец. Ќе слушнете како Ставрески е подготвен, доколку сака, да го затвори и Пиво фест, затоа што бил навреден. Ќе слушнете како Јанкуловска го нарекува Марјан Ристески.
Еве ги тие два разговори:

6) На крајот ќе ги слушнеме и последните два разговори за денес. Ќе слушнете како Миле Јанакиески вели дека Прилеп мора да гласа и „оро да игра“. А ќе слушнете и уште еден веќе објавен разговор кој потврдува дека прилепчани немаат мир од оваа власт не само во Прилеп, туку и надвор од Прилеп.
(Снимки 14, 15)
Почитувани граѓани, драги прилепчани.

Да не дозволиме повеќе ова зло, оваа катастрофа за Прилеп и за цела Македонија да се повтори.

Почитувани граѓани, ајде да ја продолжиме традицијата. Ве повикувам, заедно, сите, да излеземе на улилиците на Прилеп и да ја покажеме нашата решителност и храброст, да му кажеме уште едно големо „НЕ“ на Никола Груевски.

Продолжуваме…