Прес-конференција на Филип Попоски, член на Управен одбор на ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп

Ако сакате да уништите една институција, дајте му ја на раководење на ДПМНЕ!

Актуелните состојби во прилепски „Водовод и канализација“ се најдобра потврда на кажаното: до скоро најуспешното јавно комунално претпријатие во Прилеп, стана синоним за лошо менаџирана фирма.

Градоначалникот Борче Јовчески и ДПМНЕ ги излажаа прилепчани кога предизборно им ветија намалување на цената на водата. Наместо да ја поевтинат, Јовчески и неговиот другар, директорот на „Водовод и канализација“ Игор Гулабоски, ја поскапеа водата, па сега голем број семејства плаќаат повисоки сметки за вода отколку за струја.

Но, астрономските сметки не го подобрија квалитетот на водоснабдувањето. Напротив, бројот на населби во градот кои се соочуваат со континуиран или повремен недостиг на вода за пиење се зголемува на дневна основа. Онаму пак каде водата ја има, таа е со исклучително лош квалитет.

На социјалните мрежи осамнаа бројни сведоштва на граѓаните, дека од чешмите тече заматена вода со силна и непријатна миризба и вкус на детергент. На сето ова одговорните од јавното претпријатие останаа глуви и неми, се’ до моментот кога од Агенцијата за храна и ветеринарство добија налог да ги исклучат бунарите од системот за водоснабдување.

Да појасниме: Согласно Законот за води, носителот на дозволата за користење вода, во случајов ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп, должен е да врши редовно одржување на комплетниот водоснабдителен систем, вклучително и бунарските постројки и цевководот, до комората од која се врши распределба на водата.

Со оглед на тоа што бунарите последен пат биле користени во 2020 година, се поставува прашањето дали јавното комунално претпријатие ја исполнило законската обврска за годишно перење и измивање на бунарските цевки и дали пред самото вклучување во водоводната мрежа, биле однесени на испитување примероци од бунарската вода?

Која обврска не ја исполниле одговорните од „Водовод и канализација“ за да се доведе во прашање квалитетот и исправноста на водата која ја пијат прилепчани?

Покрај одговорите на овие прашања, директорот Гулабоски треба да објасни кој е виновен што неподмирените обврски на „Водовод и канализација“ кон доверителите ја надминаа сумата од фрапантни 30 милиони денари, односно 500.000 евра?

Конечно, во услови кога менаџерскиот тим на јавното претпријатие се жали на високите трошоци за сервисирање и одржување на застарениот возен парк, која е логиката да распишат тендер за набавка на две половни моторни возила, како што стои во спецификацијата, „не постари од 13 години“?

Граѓаните на Прилеп со нетрпение ги очекуваат одговорите на поставените прашања, кои за нив се од приоритетна важност!