Соопштение за јавност на СДСМ по повод одлуката на мнозинството во Советот на општина Прилеп, Третоноемвриска награда за животно дело да му биде доделена на владиката Петар
Во знак на протест против доделената награда за животно дело на владиката Петар, советничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Коалицијата, нема да присуствува на свечената седница на Советот на Општина Прилеп по повод Денот на ослободувањето на градот, 3 Ноември.
Со цел зачувување на дигнитетот на наградите кои по повод 3 Ноември ги доделува Советот на општина Прилеп, ОО СДСМ – Прилеп побара отповикување на одлуката на Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници за доделување награда за животно дело на владиката Петар.
Не постои ниту една издржана причина поради која највисоката општинска награда би му се доделила на владиката Петар. Напротив.
Првенствено, според Уставот Македонија е секуларна држава, што подразбира јасна одвоеност меѓу државата и религијата. Исто така, владиката Петар, односно Јован Каревски како што гласи неговото крстено име, ниту е роден во општина Прилеп, ниту било кога бил нејзин жител.
Истовремено, доделената награда на владиката Петар претставува игнорирање на плејада интелектуалци, професори, лекари, научни работници, уметници, спортисти и други истакнати прилепчани кои со својот професионален ангажман заслужиле да ја добијат Третоноемвриската награда за животно дело.
Кои се причините поради кои, и покрај лавината негативни реакции на прилепската јавност, локалната власт инсистира владиката Петар по секоја цена да ја добие со ништо заслужената висока награда, најдобро знаат градоначалникот Борче Јовчески и челниците на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Честитајќи им ги наградите на останатите добитници на дипломи и плакети по повод 3 Ноември, ОО СДСМ – Прилеп, како и секогаш досега, ќе им оддаде достојна почит на борците и хероите од Народноослободителната војна и антифашистичката револуција, кои се вградиле себеси во темелите на слободен Прилеп и слободна Македонија.
Честит и вековит 3 Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп!