Александар Китаноски – Член на Совет во Општина Прилеп

Почитувани,

Криминалното менаџирање со Тутунскиот комбинат Прилеп од страна на директорите што лично ги именуваше Никола Груевски, излегува на виделина.

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот генерален директор на АД „Тутунски комбинат Прилеп“, Александар Дерменџиев, поради сомнение за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Екс директорот Дерменџиев, во текот на 2013 и 2014 година набавил над 110 илјади килограми тутун од индиско потекло, без одлука на Управен одбор и без да склучи договор со добавувачот.

И покрај тоа што пред приемот на тутунот, соодветни лица утврдиле дека тутунот отстапува од предвидените критериуми за квалитет, директорот ја прифатил понудата и исплатил околу 16 милиони денари.

Набавениот тутун останал да скапува во магацините на комбинатот и не бил искористен при извозот на режан тутун во Албанија. Со ваквите дејствија пријавениот Дерменџиев предизвикал материјална штета на комбинатот од околу 16 милиони денари.

Надлежните органи треба да откријат дали некој остварил корист од ваквата набавка на тутун, бидејќи Тутунскиот комбинат очигледно претпрел голема штета.

Почитувани граѓани, ова се само дел од причините зошто Тутунскиот комбинат Прилеп од некогашен гигант се претвори во обичен откупен пункт за тутун. Вака се раскрчмуваше имотот на комбинатот, се туркаше вредноста на капиталот и акциите што ги поседуваа вработените.

Во 12 години криминална и коруптивна власт на ДПМНЕ и Груевски, комбинатот направи загуби од околу 150 милиони евра. Надлежните институции ќе имаат полни раце работа, но правда мора да има.

Наспроти ваквото криминално работење на ВМРО-ДПМНЕ, новата власт предводена од СДСМ го закрепнува финасиското работење на Тутунскиот комбинат и работи на задоволување на интересите на тутунарите.

Се исплаќаат  зголемените субвенции за 2017 година и тоа во време кога им се најпотребни на тутунарите. Парите се враќаат во рацете на земјоделците. Задоволни производители на тутун е врвен интерес на Владата предводена од СДСМ.

Со почит,

Центар за комуникации со јавност

ОО СДСМ Прилеп