Зоран Заев од Прилеп: И просечната плата ќе ја зголемиме, покрај минималната

Зоран Заев, претседател на СДСМ

Почитувани,

Главна цел е денеска да испорачаме неколку економски пораки овде од Прилеп до граѓаните, до Чаршијата, до Еснафот до сите оние коишто се трудат да обезбедат плата на работниците и до сите работници коишто се мачат да ја зголемат својата плата да ја стабилизираат и да биде сигурна.

Не може Р.Македонија да продолжи со минималната плата од 9.000 денари.

Во првите четири месеци со промена на власта минималната плата ќе биде 12.000 денари.

Зошто е тоа важно? Бидејќи таа спирала од минималната плата веднаш ќе ги покрене покачувањето на сите основици на плати се до повисокото ниво.

Она што е исто така многу поважно е конечениот таргет во Р.Македонија да биде да дојдеме до просечна плата до 500 евра.

Како ќе го направи тоа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија?

Со директно стимулирање на домашните компании. Преку директни вбризгувања на буџетски пари. Вкупно 108.000 денари годишно или 9.000 денари месечно за ново-примен работник којшто работодавачот ќе му обезбеди просечна плата или над просечната плата со тоа што ќе има обврска следната година да има повеќе вработени од претходната. Ќе го стимулираме начинот на отварање на работните места и ќе предизвикаме една спирала на покачување на севкупните плати на работниците.

Убедени сме како Социјалдемократски сојуз дека ако народот има пари ќе ни ја биде и државата.

Тоа ни го кажаа граѓаните денеска по Чаршијата, и човекот што изработува шапки, и тој што прави бурек, и тие што продаваат одредена бижутерија или сл. зборуваат многу отворено.

„Намалена е потрошувачката и тешко обезбедуваме приходи затоа што народот нема пари. Еве поминаа нашинците коишто беа овде летото, направија одреден промет но си заминаа. Сега тешко ќе обезбедиме пари за да ги покриеме трошоците и тешко ќе обезбедиме плата. “ –тие се загрижени како ќе опстојат, работниците се загрижени исто така дали ќе обезбедат секој месец плата. Зборуваме за тие минимални плати коишто ги има во Македонија.

Да констатираме дека таа просечна плата којашто ја има денеска во Македонија е нефер во делот на пресметката. Не може да се вади просек од менаџерите со просек од 10.000 евра плата и текстилните работнички со 9.000 денари плата. И така го вадат просекот. Тоа не е чесно! Тоа е само пример како расте слојот на екстремно богати граѓани за сметка на огромно мнозинство преку 80% под прагот на сиромаштијата.

Ова не е фер општество и ова не е правично општетство. Солидарноста мораме да ја вратиме. Кадешто бизнисмените и големите газди ќе се откажат од големите профити, ќе ги добијат назад така што ќе имаат зголемена потрошувачка моќ.

Директно за малите и средните претпријатија ќе стимулираме цел сет на мерки. Ќе кажам само една.

Една од мерките е да секој оној којшто ќе отвори мало, микро или средно претпријатие ќе добие ослободување од придонеси коишто ги плаќаат за своите вработени во рок од 3 години. Точно е, државата од Буџетот ќе изгуби приходи од персонален данок, приходи од добивка оти ќе бидат ослободени од ваквите давачки. Но, тие претпријатија ќе даваат плати. Земајќи ги платите, работниците ќе ги трошат парите, ќе плаќаат данок во државата, ќе се зголемуваат приходите од ДДВ во државата. Државата генерално не губи ништо, но тоа што е многу значајно – добиваат граѓаните. Таа спирала мораме да ја отвориме во Р.Македонија. Ако народот има пари ќе ни ја биде и Македонија. Јас сум долги години упатен во општествениот и финансискиот живот во Р.Македонија. Може Македонија да биде земја за гордост на сите нас граѓаните коишто живееме овде. Имаме работлив народ којшто не се штеди, ако знае дека ќе сработи за достоинствен живот за себе и за своите деца. Тоа време е во најава. Еве го, близу е 11-ти декември. Промените ќе се случат во Р.Македонија и најавуваме заедништво на сите во оваа наша земја трасирајќи го патот кон квалитетниот економски живот за сите коишто ќе предизвикаат да останат младите овде во Македонија и ќе предизвика за брзо време да ги вратиме и оние коишто ни ја напуштија татковината.