ЗАЕВ: СЛОБОДА НАМЕСТО РЕЖИМ

zaev3Обраќање на Претседателот на СДСМ Зоран Заев по повод настаните од 24 Декември
Скопје, 24.12.2013 г.

Почитувани граѓани,

Денеска, точно една година по настаните од 24-ти Декември, пред вас гордо стојат луѓето, пратениците што на тој ден беа бедемот против узурпацијата на слободата, против погромот на македонската демократија, против газењето на Уставот и законите.
На денешниов 24-ти Декември минатата година Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ со примена на бруталност и насилство невидени и незапаметени во поновата демократска европска историја, го дефинираа режимското владеење во Македонија.


Легитимно избраните пратеници на опозицијата што го претставуваат гласот на речиси 400.000-тини илјади граѓани во Собранието на Република Македонија беа прегазени на своите работни места од партиско – полициските кордони на власта.
Народни пратеници беа навредувани, влечени, малтретирани, тепани за на крај крвнички да бидат исфрлени од собраниската сала.
Воедно, за прв пат во историјата на новинарската професија новинарите во Македонија беа отстранети од собраниската сала. Од своите работни места. На ист, вандалски начин како и пратениците. Власта покажа дека не поднесува сведоци и сведоштва за теророт.
На тој мачен и мрачен 24-ти Декември, владејачкото мнозинство го суспендира Уставот, законите, институциите.
Од храм на демократијата, парламентот го претвори во срам на македонската држава.
Вечно во историјата на Република Македонија со големи црни букви ќе останат врежани имињата на креаторите на овој политички геноцид.
Нарачател, Никола Груевски.
Извршител, Трајко Велјановски.
Реализатор, Гордана Јанкулоска.
Мотиватор, Зоран Ставрески.
Соучесници се сите пратениците на власта. Личностите што врисокот и лелекот на нивните колеги во собраниската сала го проследија со аплаузи и воодушевување.
Прекршувањето на Уставот и законот, директно од власта, е констатирано во заклучоците на работната група за настаните од 24 Декември. Со тоа, отворен е просторот виновниците да одговараат пред лицето на правдата за стореното дело. Кога тогаш.
Во името на расипничкото владеење, овие црни македонски политички икони го згазија сопствениот народ.
Со нелегалното гласањето на минатогодишниот буџет го озаконија злосторот за да можат непречено да владеат и безобразно да се богатат. Со народни пари да купуваат човечки души и судбини и така да победуваат на криминални избори. За нив е сеедно дали се парламентарни или локални. Битно е да се на власт. По секоја цена.
На 24 Декември 2012-та година, системот на Никола Груевски се обиде да и зададе уште еден, смртоносен удар на кревката македонска демократија. Да ја убие вистината. Да постои само вождот и неговиот режим.
Ниту желбите ќе им се остварат,ниту режимот ќе опстане.
Една година потоа, вождот е гол. Разобличен и демаскиран.
Системот на владеење на ВМРО ДПМНЕ е пред колапс. Од ден на ден се руши како кула од карти. Се ближи крајот на оваа разулавена власт. Веќе ништо не ги спасува. Ниту пендрек, ниту лотарија.

Почитувани граѓани,

24-ти Декември 2012-та година не смееме да го заборавиме. За опомена и поука. Никогаш повеќе да не ни се повтори.
Јас, Зоран Заев тоа Ви го ветувам.
Во името на Социјалдемократскиот Сојуз, во името на опозицијата во Република Македонија.
Убеден сум дека заедно со сите Вас чесни, родољубиви, храбри, одважни, слободоумни граѓани на оваа наша татковина, а такви Ве има многу, ќе ја поразиме оваа власт и ќе ја вратиме надежта и насмевката на лицата на нашите граѓани. Ќе ги охрабриме да веруваат дека во оваа наша напатена Македонија може да има иднина за нив и за нивните семејства.
Ќе ги вратиме во Македонија основните општествени вредности.
Демократијата, почитувањето на човековите и граѓански права и слободи немаат алтернатива.
Во современите општества, неприкосновени се владеењето на правото, на Уставот и законите.
Македонија нема да биде држава на политички затвореници. Мерката притвор нема да се користи како однапред изречена пресуда и казна.
Институциите на системот се столбот на државата. Тие не се партиски испостави, туку сервис на граѓаните.
Владата предводена од СДСМ нема да ја гуши, туку напротив, ќе ја мотивира и поттикнува слободата на мислата, говорот, делувањето.
Ќе ги вратиме јавните дебати, полемики и дискусии за виталните прашања на Република Македонија.
Начелото на отчетност и одговорност во располагањето со парите на граѓаните ќе биде основа на делувањето на министрите и функционерите од нашите редови.
Никогаш повеќе во Македонија нема да биде изгласан нелегитимен буџет. Министерот за финансии ќе има обврска низ јавни медиумски дебати и во консултации со стручната и експертска јавност да ја спроведува процедурата за донесување на буџет што ќе овозможи економски раст и поквалитетни животни услови за граѓаните на Република Македонија.
Институт пратенички прашања ќе добие суштинско значење и ќе биде застапен еднаш неделно на собраниска седница.
Во Македонија граѓанинот повторно ќе биде фундаментот на општеството. Без оглед на неговата национална, етничка, религиозна припадност или политичка ориентација. Ова е држава во која сите граѓани имаат право на поубав и попросперитетен живот.
Социјалдемократскиот Сојуз ќе го врати достоинството на граѓаните, ќе ја врати средната класа. Ќе овозможиме правична распределба на националното богатство, а не семејно –партиска кражба на имотот на граѓаните и државата.
Македонија ќе стане составен дел на европското семејство на народи.
Во Македонија повторно ќе огрее сонцето. Ќе ги осветли и разведри сите граѓани,а не само малата група властодршци.
Македонија ќе биде држава на слободни и горди граѓани.

СЛОБОДА ДА, РЕЖИМ НЕ. Никогаш повеќе.