Заев од Прилеп: Македонскиот спорт заслужува свој дом

Прес: Зоран Заев – Претседател на Социјалдемократски сојуз на Македонија

Од Прилеп, градот на спортот, ги промовираме мерките за враќање на спортот во Македонија на заслужениот пиадестал.

Власта на ВМРО-ДПМНЕ во спортот создаде систем кој разединува, наместо да сплотува. Власта заборави на спортистите и репрезентациите и покажа понижувачки однос кон спортските работници. Спортот мора да го вратиме на спортистите и спортските работници.

ВМРО-ДПМНЕ наместо да се грижи за спортистите, ги остави како талог на општеството.

Затоа, преку нашиот сет од мерки, професионалните спортисти, спортисти аматери, спортисти стипендисти ќе добијат пензиско и здравствено осигурување во зависност од нивниот статус и категорија.

Секој репрезентативец на Р.Македонија кој настапил на најмалку 10 официјални натпревари се стекнува со право на просечна пензија со навршени 40 години старост доколку нема друг професионален ангажман како вработено лице.

Формирање на Спортски финансиски фонд со посебна жиро сметка на која директно ќе се слеваат уплати (3%) од секој тикет на спортско обложување, (100%) од средствата од издавање Лиценци за обложувалниците, (3%) од уплатите во автомат клубовите, 1 денар акциза од секоја продадена кутија цигари и литар алкохол.

Распределбата на средства ќе ја врши седумчлен Национален спортски совет составен од 5-те најуспешни федерации плус претседателот на МОК и директорот на АМС врз однапред усвоени критериуми.

Наместо досегашната законска наметната форма на регистрација на клубовите во АД, предлагаме укинување на задолжителната обврска за регистрација на спортските клубови во АД со оставање на можност на самите спортски клубови да ја изберат формата на нивна организација, но не исклучувајки ја и можноста да продолжат да функционираат како АД.

Бидејќи голем дел од нив не се користат, дел од новоизградените школски спортски сали ќе се доделат на користење и управување на националните спортски федерации кои ќе стекнат можност да работат со сите младински категории преку целата година и ослободени од комерцијалниот притисок ќе овозможат на сите талентирани деца да тренираат без надомест.

Ќе изградиме Дом на спортовите како спортско-деловен комплекс во кој ќе се сместат сите национални федерации кои немаат свое седиште, а воедно ќе се рационализираат трошоците за тековно работење на истите.

Ова се само дел од корпусот на мерки со кои ќе се остварат квалитетни спортски резултати во националниот систем на натпревари, успех и високи резултати на спортистите.

Спортистите заслужуваат професионален третман. Спортот ќе биде високо на пиедесталот на приоритети на новата Влада предводена од СДСМ.