ВМРО-ДПМНЕ го сруши здравството во Прилеп

Сашо Велески – Претседател на ОО СДСМ Прилеп

Почитувани,

Криминалните политиките на Никола Груевски и неспособните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, го уништија здравството и ја претворија прилепската болница „Борка Талески“ во институција на стравот и ужасот.

Последниот трагичен случај на одделението за гинекологија, за жал ја потврди сликата на срушеното здравство во Прилеп!

Очекуваме јавноста веднаш да биде информирана за причините поради коишто згасна уште еден човечки живот.

Поставувањето на Заменик координаторот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, за нов директор на болницата, со ништо не ги подобри суштинските проблеми за коишто во повеќе наврати алармираме!

Помошен кадар има премногу, но нема доктори и специјалисти.

Од 120 специјалисти коишто порано работеа во оваа некогаш реномирана болница, сега бројката е сведена на околу 70.

До специјализација исклучиво се доаѓа по партиски приоритет на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквите услови се само една од причините зошто дури 200 лекари годишно заминуваат од земјава.

Сѐ уште е најкритично на одделението за гинекологија, каде доаѓаат доктори од Битола.

Состојбата е иста на Очно, како и на Уво – Нос – Грло, додека на максилофацијално одделение има само двајца доктори.

Мамографот кој е набавен уште минатата година, сѐ уште е надвор од функција, па пациентите се приморани своите испитувања да ги прават во Скопје.

Често недостигаат реагенси за анализа на крв.

Речиси во сите одделенија има недостаток на лекови, а во болничката аптека пак има само еден антибиотик на располагање за пациентите.

Нема основни средства за хигиена! Пациентите од дома носат сапун и тоалетна хартија.

Во овие зимски услови, греењето е луксуз. Греење се пушта само еден до два часа наутро и исто толку и навечер. Забранети се грејни тела, како по амбулантите така и во собите кај пациентите.

Болницата е во огромни долгови кои тешко се исплаќаат.

После 10 години власт на Никола Груевски, Македонија, според индексот на здравствени услуги е на последното место во Европа.

Македонија, според Еуростат е на врвот на листата со починати новороденчиња во Европа. Во земјава умираат 14 новороденчиња на 1.000 живородени.

За власта во заминување здравјето на граѓаните не беше важно, за неа беа важни само тендeрите и провизиите.

СДСМ ќе врати приоритетите на граѓаните на прво место и ќе ги насочи парите кон директно решавање на проблемите во здравството.