Реакција на изјава од Општина Прилеп за загадувањето на воздухот

sdsmprilep1Почитувани,
Неможеме да се изначудиме на спороста, инертноста и незаинтересираноста на надлежните во Општина Прилеп, на кои им беа потребни два месеци, по наше барање, да се изјаснат за прашањето на загаденоста на воздухот во Прилеп, нешто што е од исклучителна важност за сите граѓани на Општината.
Граѓаните треба да знаат, дека Прилеп е единствен од поголемите градови во државата за кој власта на ВМРО-ДПМНЕ нема предвидено мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух. Градот е еден од позагадените со суспендирани честички во воздухот помали од 10 микрометри од следниве 3 причини:
1.Повеќе од 3/4 од населението се грее на дрва,бидејќи градот нема топлификација,а од гасификација и гасовод нема ни трага!
2.Во Прилеп се возат најстари возила, заради највисокиот процент на невработеност и сиромаштија во државата!
3.Единствено во Прилеп во зимскиот период, наместо индустриска сол како што се прави во цело опкружување. по улиците се фрла камена ризла, која остава камена прашина што граѓаните ја вдишуваат.
Според тоа, не држат место денешните несериозни изјави на надлежните од инспекторатот дека Прилеп немал големи индустриски капацитети, па затоа немало загадување на воздухот, а наспроти тоа градот има зголемен број пациенти со белодробни и канцерогени заболувањa!
Уште повеќе сме зачудени на неодговорноста на власта дека допрва ќе се распишело тендер за мерен апарат за загаденоста на воздухот, и дека за првични резултати ќе треба да се чека дополнителни два месеци, почнувајќи од денес.
Сепак, и покрај ваквата неодговорност на власта, искрено се надеваме дека оваа неопходна апаратура ќе стаса во градот и нема да биде како повеќето манипулации на власта за намалување на револтот на јавноста.

Со почит,
Центар за Комуникации