Hari blagodarnostПочитувани,
Ќе ми простите што денес можеби ќе бидам малку повеќе емотивен и што моето обраќање до вас и до граѓаните на Општина Прилеп ќе се разликува од вообичаеното предизборно клише. Бидејќи денес, сега, во овој момент, сакам да го искажам она чувство кое ме држи од синоќа и кое никако не сака да ме пушти. А кога е веќе така, а така е, тогаш се што денес сакам да ви кажам, до последен збор, ќе биде откорнато од мојата душа. 

Драги мои сограѓани,
Дозволете ми да ви се заблагодарам за прекрасната вечер која синоќа ми ја приредивте. Се плашев дека можам да бидам субјективен во давањето оцена на она што синоќа се случуваше на плоштадот „Методија Андонов Ченто”. За среќа, сите мои сомнежи, сите мои стравови дека не ќе успеам на соодветен начин да ги искажам задоволството и возбудата од неверојатната вечер, во секунда ми ги разби една наша драга повозрасна сограѓанка.

Веднаш после завршувањето на најголемиот митинг кој било кога се одржал во Прилеп, во целата таа гужва од знајни и незнајни поддржувачи на нашата коалиција, ми пријде и со насолзени очи ми рече: „Ви благодарам на сите вас кои вечерва бевте на бината и околу бината, што направивте повторно да се чувствувам СЛОБОДНА”! Ќе повторам, СЛОБОДНА! 

Почитувани, 
Искрено ги жалам сите оние вистински приврзаници на четирите свети букви ВМРО, кои во изминативе 7-8 години станаа заложници на квазипатриотите од ДПМНЕ. За жал, за разлика од сите оние илјадници луѓе кои и покрај сите закани, и покрај сите уцени, синоќа слободно и достоинствено излегоа на градскиот плоштад, тие се соочуваат со теророт на локалните шерифи од нивната сопствена партија. 

Во оваа прилика уште еднаш ги повикувам градоначалникот во заминување Марјан Ристески, раководителите во локалната самоуправа, државните институции и јавните претпријатија, да престанат со заканите и притисоците врз граѓаните на Општина Прилеп. Бадијала е. Не им се исплаќа. Со секоја вреќа брашно, шеќер, со секој денар со кој се обидуваат да ги купат гласовите на луѓето кои истите тие ги доведоа на работ на екстремна сиромаштија, само подлабоко пропаѓаат во дупката која самите ја ископаа. 

Почитувани господа од ДПМНЕ, ако до синоќа уште не ви беше јасно и се уште имавте надеж дека со лаги и закани ќе ги убедите прилепчани да ви дадат нов, трет мандат, после синоќешниот величествен митинг работите се јасни како ден. Во Прилеп граѓаните сакаат промени! 
Во недела на 24 март, граѓаните на Прилеп ќе го заокружат бројот 42 и ќе гласаат за коалицијата „Сојуз за иднината”.