sdsmprilep1Реакција за посетата на министерот за здравство Тодоров во Прилеп

Почитувани,
Кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, кои крајно недомаќински раководат со прилепските здравствени установи, создадоа толку голем хаос, што најмалку може да го реши „универзалниот” министер Никола Тодоров!
Прилепската болница „Борка Талески” ја спуштија на најнизок можен ранг, со што пациентите од Прилеп, за најмали интервенции ќе мора да патуваат на Клиничката болница во Битола.
Заканите за блокирање на сметката се сосема реални и извесни. Вкупниот долг на болницата за Мај 2013 изнесува скоро 166 милиони ден, додека за Мај минатата година изнесувал 133 милиони ден. Ова значи, дека само за една година долгот се зголемил за нови 33 милиони денари. а болницата се соочува со недостиг на апарати и докторски кадар скоро по сите одделенија.

Колку од тие средства се долг за нафта за греење на болницата, знае само директорот Богатиноски, затоа што секоја година, докторите се соочуваат со ладни простории, без услови за работа и престој на пациентите.
Болницата е моментално оставена без мамограф, со што граѓаните на Прилеп и Македонски Брод, како региони каде посебно е нагласен проблемот со карцином, се оставени сами на себе.
Се пофали министерот со милионски набавки на опрема, а замислете се дрзна да каже дека за прилепчани немало потреба од ангиограф и коронарографија! Односно, граѓаните кои имаат срцеви проблеми, за таквите интервенции повторно ќе мора да си бараат решение некаде подалеку од Прилеп.
Брзата помош во Прилеп, на која пред некоја година и се распаѓаа возилата на сред пат, и покрај фалбите за инвестициите на Тодоров, освен некои минимални крпења на објектот, ништо посериозно не е направено. Прилепчани после толку години, заслужуваат изградба на нов и целосно функционален објект за Брза помош.

 Центар за Комуникации со Јавност

ОО СДСМ Прилеп