Самоволие на директорите на училиштата во Прилеп

Леонардо Ковилоски – Регионален координатор за образование на СДСМ

 

Почитувани,

Самоволието и неодговорното работење на директорите на училиштата во Прилеп, отвори многу болни прашања и целосно го деградираше образовниот процес.

Заради криминалните политики на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ јазот во образованието се повеќе се продлабочува.

Последните информации говорат дека поради судски спор, вработените во ООУ „Блаже Конески“ од Прилеп, на извесен период биле оставени без платени придонеси за здравствено осигурување, со што морале приватно да плаќаат за здравствени услуги.

Дополнително, јавноста бара разврска на скандалот со анкетните листови и одговори од директорката на ООУ „Блаже Конески“ од Прилеп, Марија Дулеска, дали постоело незаконско прибирање на матични броеви и други лични податоци од наставниците и професорите во училиштето „Блаже Конески“?

Овој скандал добива уште поголема димензија со фактот дека Министерството за информатичко општество и администрација не испратило такви формулари.

Напоменуваме дека никој и по никаков основ, нема право да прибира матични броеви од граѓаните.

Доколку навистина се собирале матичните броеви на вработените во ООУ „Блаже Конески“, направено е флагрантно кршење на законот за заштита на личните податоци, за што директорката Дулеска мора да сноси лична одговорност, а оправдано се отвора сомнеж за можна злоупотреба на податоците во изборни цели!

СДСМ нема да дозволи партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат над интересите на учениците и нивните родители!

Го повикуваме Државниот инспекторат веднаш да изврши увид и да ги констатира состојбите во ООУ „Блаже Конески“, а директорката веднаш да поднесе оставка или да биде разрешена.

Истовремено ги повикуваме надлежните институции да проверат како директорот на ОУ „Страшо Пинџур“ во с. Мало Коњари, Зоран Петрески, го спроведува тендерот за превоз на ученици и дали има непотизам во постапката?

ВМРО-ДПМНЕ се грижи само за бизнис интересите на фамилијата. Интересите на граѓаните не се важни за нив.

Кога СДСМ ќе ја преземе одговорноста што ќе и ја дадат граѓаните, ќе ги промени приоритетите и парите ќе ги насочи кон решавање на реалните проблеми на граѓаните.