Роднини на Јанакиески ги добиваат тендерите за чистење снег?

mile0115Миле Талевски – Член на Советот на Општина Прилеп

Почитувани сограѓани,
Случајностите поврзани со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески се множат.
ПЕЛА-ТРАНС-КОМПАНИ е фирмата, којашто, неколку години по ред, по Програмата на Совет на Општина Прилеп за фунционирање на зимската служба, ги добива тендерите за одржување на улиците во градот, во зимски услови.
Директор на оваа фирма е Бобан Синадиноски, близок роднина на министерот Јанакиески.
На Веб страната на електронскиот систем за јавни набавки, не можеме да најдеме објавен тендер за зимско одржување на улиците во Прилеп, за 2014/2015 година.
Но, возила на оваа фирма можат да се видат низ градот како чистат снег.


Граѓаните на Прилеп имаат право да знаат, бидејки се работи за трошење нивни пари од општинскиот буџет:
-Дали и со која фирма Општина Прилеп има склучено договор за чистење на снегот и мразот од улиците, и колку ги чини тоа?
-Дали е спроведен законскиот тендер, или возилата на ПЕЛА-ТРАНС-КОМПАНИ “случајно” и на своја рака, невешто се обидуваат да чистат снег од улиците?
-Ако е спроведен тендер, каде е објавен тендерот, согласно закон?
-Дали роднинските врски помеѓу министерот Јанакиески и фамилијата Синадиноски, биле спрегата за добивање на тендерот, од страна на општината во Прилеп?
Почитувани сограѓани,
После сите објаснувања, случајно улиците во Прилеп се оставени раскопани. Случајно фирмата, што власта ја избра да ја гради канализациската мрежа, е со седиште во куќата на министерот Јанакиески. Случајно улиците и тротоарите се недоисчистени, со снег и мраз, поради што две недели општината беше блокирана.
Јанакиески и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ имаат обврска да ги објаснат “случајностите” на граѓаните на Прилеп и на Република Македонија.
Ви благодарам.