Прилеп неколку години оставен без мамограф

kp2501Кети Смилеска – Координаторка на форум на жени – СДСМ Прилеп

Почитувани,
Со оглед на зголемениот број на заболени лица од рак на дојка, и големата стапка на смртност од оваа болест, најостро реагираме на нефункционирањето на неопходната апаратура во прилепската болница за рано дијагностицирање на оваа болест.


Во неможност каде да се пожалаат, и заради немањето слух од страна на власта, изминативе денови, голем број на жени доаѓаат во просториите на нашата општинска организација, со поплаки за неработењето на мамографот во градска болница „Борка Талески”.
И покрај фалбите на министерот Тодоров за милионите потрошени за подобрување на здравството, веќе извесен период жените од прилепскиот регион, се изложени на дополнителни материјални трошоци за превоз, кои за мамографски прегледи се препраќани на битолската клиника.
Прашуваме,
Од кои причини, веќе неколку години мамографот е надвор од употреба? Дали е во прашање недостиг на кадар за работа со истиот, или заради немање средства за сервисирање на апаратот?
Недопустливо е жените од Прилеп и Македонски Брод, како регион од преку 120 илјади жители, да бидат оставени без мамограф, уште повеќе што во овој регион е особено нагласен проблемот со карцином на дојка.
Алармираме, веднаш и неодложно, власта да одговори на молбите и апелите на стотиците жени за повторно пуштање во употреба на мамографот во прилепската болница. Со тоа, ќе бидат удоволени основните права на секоја жена и млада девојка, без разлика на социјалниот статус, да има достап до превентивните прегледи за рак на дојка.