Филип Попоски – Член на Извршен Одбор на ОО СДСМ Прилеп

Според информациите што деновиве ја преплавија јавноста за менаџирањето на ЈКП „Комуналец“  од страна на поранешниот директор  Златко Ристески – Џекчето, Јавното обвинителство во Прилеп ќе има полни раце работа.

Пред два дена, до Основното јавно обвинителство, полицијата поднесла кривична пријава против  поранешниот директор на Комуналец, Златко Ристески и други лица членови на Управниот одбор на претпријатието,  за основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според пријавата, Златко Ристески во 2012 година предизвикал сообраќајна несреќа со службеното возило „Цитроен Ц4“, која не ја пријавил во полиција. Потоа, самиот организирал подигање и поправка на возилото, а Комуналец добил фактура за набавка на автоделови за оштетеното возило во висина од 250.000 денари.

Пријавените членови на Управниот Одбор на Комуналец ја одобриле исплатата на фактурата, иако Златко Ристески не дал на увид Налог за користење на службеното возило, или било каков документ со што може да се потврди дека на денот кога се случила сообраќајката бил на службено патување.

Јавното обвинителство треба да расчисти, дали службеното возило на Комуналец се користело во приватни цели од непознати лица?

Вчера, актуелниот директор на Комуналец, Звонко Јованоски, соопшти дека Златко Ристески го оштетил ова јавно претрпијатие за половина милион евра.

Ристески, своеволно и спротивно на законот, им го проштевал долгот за неплатени сметки за отпад на одредени семејства, со што само по овој основ го оштетил претпријатието за над 10 милиони денари. Ненаплатените сметки биле во изборните години 2011,2012 и 2016.

Спротивно на Закон, Ристески не им исплаќал одредени надоместоци на вработените, со што создал долг во висина од 47 милиони денари, од кои 21 милион денари за камати, судски трошоци, адвокати и извршители поврзани со тужби од вработени.

Ја ангажирал „Новоградба“ фирмата во сопственост на мајката од кумот на Марјан Ристески, Гоце Ингилизов, како и добро познатата „Електро – Точила“.

Тоа е тој „магичен круг“ од кумовски и роднински врски, според кој 12 години функциониреше локалниот режим на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ нема да дозволи криминалците да поминат неказнето!

Република Македонија ќе биде правна држава, во која секој што ја злоупотребил функцијата и парите од граѓаните, ќе одговара.

Со почит,

Центар за комуникации со јавност

ОО СДСМ Прилеп