Почитувани претставници на медиумите,

Изминатите денови бевме сведоци на серија празни и безидејни пресови на
ДПМНЕ, со единствена цел да го одвлечат вниманието на прилепчани од реалните
проблеми во Општината, од сиромаштијата, невработеноста, и криминалот во јавните
претпријатија.

Што се однесува до тимот на веќе потрошениот градоначалник Марјан Ристески,
криминалот и расипничкото трошење станаа заштитен знак за сите директори кои ги
постави лично тој.

Почитувани од ДПМНЕ, соберете храброст, кажете кој е вашиот кандидат за
градоначалник и прифатете ТВ дуел со Хари Локвенец, а до тогаш ние со факти и
аргументи ќе продолжиме да го разобличуваме неспособниот тим на Марјан Ристески.

Во следниот записник од 47-та седница на Управен одбор на ЈКП Комуналец, стои
дека Златко Ристески-Џекчето – прв братучед на градоначалникот и директор на
Комуналец, го удрил односно го оштетил службеното возило марка Цитроен Ц4.

На истата седница се носи одлука, штетата за поправка на возилото, во износ од 250
илјади денари, за кои директорот Ристески до УО не приложил фактура, да се покрие
со пари од претпријатието.

Директоре Ристески, должите одговори на неколку суштински прашања:

– Дали во таа прилика, возилото го користевте за службени или приватни цели? Ако го
користевте за службено патување, зошто го криете патниот налог?

– Дали постои и каде е полицискиот записник од сообраќајната незгода, кој ќе покаже
под какви услови се случил настанот?

– Дали возилото е каско осигурено? Доколку е, зошто тогаш неговата поправка се
покрива со пари од граѓаните?

Почитувани сограѓани, бидете убедени дека наскоро идната власт на СДСМ ќе направи
ревизија за тоа како и на што директорите и функционери на ДПМНЕ ги трошат
народните пари.

Ви благодарам