Почитувани претставници на медиумите,

Состојбите со недомаќинското работење и раскрчмување на ЈКП “Пазари” од
страна на директорот Пецо Димоски-еден од најблиските соработници на
Марјан Ристески, достигнуваат загрижувачки размери.

Со цел да ги прикрие реалните состојби во Претпријатието и фактот дека
за прв пат од своето постоење “Пазари” се соочува со загуби, директорот
Димоски ангажирал две различни надворешни ревизорски куќи, кои сепак
не успеале да ги сокријат загубите од неговото недомаќинско работење.

За ревизија на финансиското работење на “Пазари”, првично било
ангажирана ревизорската куќа”Чулеви”- врз чие вештачење е изготвен прв
финансиски извештај, кој за првите 6 месеци од 2011 прикажува загуби од
приближно 2,4 милиони денари.

Со задача да прикаже помали загуби, ангажирана е втора надворешна
ревизорска куќа “Кни Пром”. Врз основа на нејзиното вештачење е изготвен
втор финансиски извештај, кој пак за истиот период-првите 6 месеци од 2011,
прикажува загуби во Пазари од 1,4 мил.ден. односно околу 1 мил.помалку.

Директоре Димоски, кој тука лаже ? Надворешните ревизори, вашите
служби, или пак лично Вие ? Кој финансиски извештај е точен, првиот-во кој
загубите се поголеми, или вториот-каде загубите се помали ?

Едно е јасно, колку и да ги штимате, загубите од недомаќинското работење
во ЈКП “Пазари” се толку големи што никој ревизор не може да ги сокрие.

Градоначалниче Ристески, заради прикажаните загуби во завршната сметка
за 2011 година, заради негативните финансиски резултати за првите 6
месеци од 2012 година, Ве повикуваме барем еднаш да застанете над
партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ и веднаш да го разрешите директорот
на ЈКП „Пазари” Пецо Димоски.

Почитувани сограѓани, вака работат луѓето од тимот на Марјан Ристески !

Ви благодарам