Почитувани претставници на медиумите,

Денес продолжуваме со серија на факти и аргументи, да го разобличуваме неспособниот и неуспешен тим на Марјан Ристески и ДПМНЕ.
Пецо Димоски–универзалниот кадар на ДПМНЕ, актуелен директор на ЈКП „Пазари”,кој претходно беше директор на градската болница „Борка Талески” и командир на полициска станица Прилеп, исто како и другите директори од тимот на Марјан Ристески, ќе остане запаметен по расипничко однесување и раскрчмување на претпријатието.
Директоре Димоски, со Вашето недомаќинско раководење го потонавте претпријатието во огромни долгови и кредити во висина од 6,5 милиони ден, кои сега треба да се покриваат со дополнителни 3 мил.ден. од џебот на граѓаните. Најголем дел од средствата ги потрошивте за изградба на кванташкиот пазар кој никако да проработи, како и за покрив на зелениот пазар кој падна од првиот снег.
Почитувани сограѓани, за прв пат од своето постоење ЈКП „Пазари” е во загуби и покрај тоа што дупло ги зголеми цените за кирија на тезги, го премести текстилниот пазар, а сега ќе го продава и млечниот пазар кој е во строгиот центар на градот на површина од преку 1600 М/2 и каде претпријатието располага со многу дуќани.
Во оваа прилика ќе поставиме неколку директни прашања до директорот на „Пазари”.
Г-дине Димоски, има ли економска логика да се срушат дуќаните кои на ЈКП Пазари му носат голем приход, само за да се добијат канцелариски простории ?
Г-дине Димоски, зошто подолг период се запуштени и се распаѓаат 7-8 дуќани во строгиот центар на градот, од кои своевремено „Пазари” остваруваше приход ?
Почитувани сограѓани, ова е уште еден обид бизнисмените блиски до Марјан Ристески, пред неговото дефинитивно заминување, да се стекнат со атрактивни парцели во центарот на градот на сметка и на грбот на граѓаните.

Ви благодарам.