Одбиваме да сме заложници на криминална власт!

djagaАлександар Џагадуроски – Претседател на СДММ – Прилеп

Почитувани,
Денес, на 9-ти Мај, Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, од ова место, од прилепскиот участак, симболот за антифашистичката и народноослободителна борба на македонскиот народ, испраќаме апел за сплотеност и единство во борбата за слобода и демократија за Македонија во 21-от век.

 


Ние младите, одбиваме да бидеме заложници на неколку криминалци, кои под превезот на патриотизмот, брутално ја разнебитуваат македонската држава!
Одбиваме да живееме во општество во кое системот прикрива убиство на млад човек.
Одбиваме да не држат во канџите на националнизмот и надвор од Европското семејство, само за да опстои коруптивното владеење.
Одбиваме да сме заложници на тесна група профитери, кои се закануваат со завршувања во ендек, кршат Устав и закон, зацрнуваат семејства и човечки судбини, само за пусти пари и провизии.
Почитувани,
Вистината за Македонија го соголи Никола Груевски и целата расипаност на режимот во заминување. Но, истовремено, ја најави и долгоочекуваната македонска пролет. Пролет на промени и ново подобро утре.
Ги повикувам, сите млади прилепчани да се приклучат на историскиот, сенароден протест, на 17 Мај во Скопје. Токму ние младите, студентите и средношколците, да бидеме предводници на борбата за толку многу неопходните промени во нашата Македонија.
Сите заедно, да се издигнеме над партиските и национални разлики, под едно знаме, преку мирни, ненасилни и достоинствени протести, да го испратиме Груевски и неговиот режим во темната страна на македонската историја.
Благодарам