Миле Талевски – Претседател на ОО на СДСМ Прилеп

Почитувани,

Надлежните институции поднесоа нова кривична пријава против поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески, поради основано сомнение дека сторил „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Марјан Ристески, којшто е претходно условно осуден за злоупотреба на службената положба, со новата пријава се сомничи дека во својство на градоначалник и’ овозможил на фирмата „Пела Транс“ ДООЕЛ да се стекне со противправна имотна корист од 1 милион и 200 илјади евра, пари од буџетот на општина Прилеп.

Ристески создал услови „Пела Транс“ да биде единствен понудувач и избрана фирма за најповолен понудувач на постапката за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта во општина Прилеп, иако оваа фирма не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неплатени даноци кон државата.

Во истиот случај се вмешани и заработиле кривични пријави вработените во општината, Илија Карески, Љупчо Митрески и Ицко Чупаркоски, кои како членови на Комисијата за јавни набавки му овозможиле на сопственикот на „Пела Транс“ да поднесе лажна документација. Тие, како членови на Комисијата од 2012 до 2017 година, одлучувале во секоја постапка за оваа јавна набавка.

Во тендерската спецификација биле поставувани економски и технички услови што само „Пела Транс“ ги исполнувала, со што била фаворизирана оваа фирма.

Со кривичната пријава е опфатен и поранешниот директор на ЈП за ПУП Прилеп, Бранко Нешкоски, којшто бил поставен за надзорен инженер, а не вршел реална контрола на сработеното и фактурираното.

Инаку, фирмата „Пела Транс“ е во сопственот на Мире Синадиноски  – чичко на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Тоа е фирмата којашто 13 години наназад ги добива сите тендери за зимско одржување на улиците, што ги распишал екс градоначалникот Марјан Ристески.

Последниот договор за зимско одржување на улиците помеѓу Општина Прилеп и „Пела Транс“ е потпишан на 16.10.2017 година, односно еден ден после локалните избори на кои Марјан Ристески и ВМРО-ДПМНЕ ја загубија локалната власт.

Почитувани, ова е начинот на кој се делеле тендерите на фирмите блиски до поранешната власт.

Ваквите злоупотреби за кои со години наназад предупредувавме, а беа невидливи за власта на Груевски, сега сега се потврдуваат со серија кривични пријави.

Беззаконието, безредието, местењето тендери, корупција и криминал, беа одлика на 12 годишното владеење на криминалната ДПМНЕ.

Тоа време заврши. Никој повеќе не смее да биде над правдата и законите.

Македонија чекори напред, а секој што ги злоупотребил парите на граѓаните ќе одговара пред законот и бегање од тоа нема!

Со почит,

Центар за комуникации со јавност

ОО СДСМ Прилеп