Најмладите на маргините на општеството

pres0410Елена Ташкоска, претседател на Форум на жени на ОО на СДСМ – Прилеп

Почитувани,

Деновиве ширум Земјината топка се одбележува Светската недела на детето. Како и многу други значајни поводи и важни датуми кои надлежните државни институции во Република Македонија ги одбележуваат на симболичен начин, така и неделата посветена на нашите најмлади ќе помине без било каква конкретна активност во насока на создавање подобри услови за нивно безгрижно детство и квалитетно образование.

Изминативе неколку години владата на ДПМНЕ потроши милиони евра народни пари за бесмислената кампања за трето дете. Во исто време, нивниот бизнис партнер со сомнително минато Субрата Рој отиде чекор подалеку, велејќи дека големината на македонското семејство треба да биде дефинирана со закон. Според неговиот предлог упатен до Груески, родителите кои нема да го почитуваат законот треба да ги изгубат сите придобивки и бенефиции за нивните деца, и сето тоа комбинирано со одземање на нивното, со Устав загарантирано, право на глас.
Во исто време, како резултат на катастрофалната економска политика на владата, нашата држава е светски шампион во мизерија, мнозинството граѓани едвај врзува крај со крај, а во училишните клупи никогаш немало помалку првачиња отколку на овој први септември.
Почитувани граѓани,
Солидарноста е еден од основните постулати на социјалдемократската идеја. Целосното почитување на човекот, неговото достоинство, права и слободи согласно највисоките цивилизациски и демократски придобивки, како и изградбата на општество на еднакви шанси и социјална правда, се основните политички начела и цели на нашата партија.
Во тој контекст, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе продолжи да укажува на сите пропусти и грешки кои ги прави владејачкото мнозинство, а кои се однесуваат на заштитата на правата на децата. Истовремено, постојано ќе нудиме решенија за надминување на постојните проблеми и ќе реализираме конкретни проекти со кои и нашиот град и Република Македонија ќе станат место каде ќе живеат и растат здрави, среќни и весели деца.