Почитувани,

Очајот и безнадежноста на локалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која за најважните прашања во државата нема став, се гледаат и од авион.

Наместо да се оградат од политиките на Марјан Ристески и неговите соработници, кои за 12-те години владеење станаа синоним за криминал и корупција, прилепските челници на ДПМНЕ поддржуваат проекти од кои треба да се срамат.

Потрошените 12 милиони денари за изградба на училиште среде поле со тутун во кое, надвор од сите норми и стандарди требаше да учат деца од населбата „Сточен пазар“, може да смисли само некој кому бизнисот и провизиите му се поважни од образованието, здравјето и безбедноста на нашите најмлади.

Господа од ДПМНЕ, ајде барем еднаш бидете искрени и одговорете: дали вие на вашите деца би им дозволиле да посетуваат настава во училиште до кое нема пристапен пат, во кое нема струја, вода и канализација, училиште без училиштен двор од кое на само дваесетина метра учениците ги демне опасноста од незаградената река?

Надлежните институции треба итно да откријат дали изградбата на ова училиште претставува класична злоупотреба на службената должност на екс градоначалникот Марјан Ристески и неколкумина други партиски послушници и “дил ориентид“ функционери од локалната самоуправа.

Очигледно е дека објектот е завршен само во градежниот дел и во оваа фаза никако не може да биде пуштен во употреба. За да се случи тоа, потребно е да се направи поврзување на потребната инфраструктура, да се изврши атест за вградената ПП инсталација, партерно да се уреди, осветли и огради градежната парцела, да се овозможи пристап до неа за интервентни возила, како и колски пристап до парцелата.

Она што исто така треба да се истакне, е дека објектот го градела кумовската и омилена фирма на Марјан Ристески, „Новоградба“.

Според сето ова, што е јасно видливо,  повеќе од јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Ристески воопшто немале намера да направат функционално училиште за учениците од овој дел на градот, туку истото го граделе од чист популизам и за личен бенефит.

Ги повикуваме сите надлежни државни органи детално да го испитаат овој случај и доколку се утврдат докази за постоење незаконски дејства, против инволвираните лица да поднесат соодветни пријави.

Ви благодарам.