Над 2000 прилепчани на митингот во Скопје

Почитувани претставници на медимуите,

Почитувани сограѓани,

Вчера беше светол ден за иднината на нашата татковина и за нашиот Прилеп.
Вчера силниот дожд не стави на тест сите нас, но се покажа дека е бериќетен и за аирлија.
Над 2 илјади прилепчани, организирани со 34 автобуси и неколку десетици комбиња и автомобили, покрај лошите временски услови, се упатија на големиот протестен митинг во Скопје и кренаа глас за подобра и посветла иднина.
Од вчера се е јасно, каква Македонија и каква Општина сакаат прилепчани.
Кажаа едно големо НЕ ! НЕ за Прилеп како град на беда и сиромаштија, како град на рекордна невработеност, на скапотија и социјални случаи. НЕ за град без економија и стопанство, НЕ за град на блокирани сметки и судски извршители.
Драги мои прилепчани,
Дозволете во оваа прилика да ви се заблагодарам за вчерашната поддршка и да ви честитам на храброста и силата со кои испративте недвосмислена порака- ја сакаме нашата иднина сега! Благодарност и до оние, над 6 илјади прилепчани кои митингот го гледаа во живо преку интернет.
Убеден сум, убеден како никогаш досега, дека истата таа сила, храброст, одважност и одлучност, ќе ги покажете и на изборите во Март 2013-та. Заедно ќе ги изградиме просперитетот и иднината која ја заслужуваат Прилеп и прилепчани.

Ви благодарам