belakaposki press kemerlija

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани

Деновиве локалната самоуправа ги започна градежните работи на новиот кружен тек кај поштата. Се согласуваме дека секое ново решение кое ќе придонесе за надминување на сообраќајниот хаос на крстосницата кај поштата, ќе биде подобро од постојното.
Бидејќи локалната самоуправа и градоначалникот Марјан Ристески не организираа јавна дебата за да го слушнат мислењето на граѓаните, како одговорна партија а во интерес на подобрување на проектот, чувствуваме потреба да ги искажеме нашите видување и добронамерни сугестии.
Се надеваме дека самиот факт што локалната самоуправа започна со реализација на проектот, значи дека ги добила сите неопходни согласности и дека обезбедила потписник на сообраќајното решение.
Исто така, се надеваме дека при изградбата на кружниот тек во преден план се земени безбедноста на учесниците во сообраќајот, функционалноста и протокот на возила, како и ширината на улиците и тротоарите, наспроти несоодветно големата зелена површина. Во исто време очекуваме дека е најдена адекватна замена за сега веќе срушената фонтана, која околните станбени објекти ги штитеше од поплавување од високото ниво на подземните води.
Почитувани,
Во оваа прилика би сакале да ги прашаме надлежните во локалната самоуправа, дали знаеја дека при изведбата на градежните работи, на длабочина од околу 60 cm, ќе наидат на извонредно културно наследство од ранотурскиот период, мостот „Кемерлија”, кој има огромна симболика и значење за Прилеп?
Имено, токму оттука, од тој мост, започнал нападот на Участокот на 11-ти Октомври. Истовремено, мостот „Кемерлија” во минатото бил главната врска на северниот и јужниот дел на градот.
Од следните скици и подлоги се гледа дека местоположбата на мостот се вклопува во зелената површина на кружниот тек, предвидена за поставување нов споменик.
Од тие причини Социјалдемократскиот сојуз предлага мостот „Кемерлија” да биде вклопен во проектот, односно да биде отворен и заштитен, со што би го добил заслуженото место како еден од симболите на градот. Ете ова би претставувало вистинска туристичка атракција.
Се надеваме дека овие наши сугестии ќе бидат сфатени добронамерно. Со тоа локалната власт ќе покаже дека кружниот тек не е само уште едно избрзано популистичко предизборно решение на градоначалникот Марјан Ристески.

Ви благодарам.

Mostot Kemerlija

mostot kemerlija planmostot kemerlija denes