Почитувани граѓани,

Доста беше неизвесност и изолација.

Младите од Прилеп и од цела Македонија, заслужуваат европска иднина.

Заслужуваме еднакви можности за образование, работа и личен развој, какви што имаат нашите врсници ширум Европа. За остварување на ова, неопходно е да станеме полноправна членка на ЕУ!

Со зачленувањето на Македонија во ЕУ, младите ќе имаат неограничени можности за патување и стекнување квалитетно образование и пракса низ Европа!

Образовните дипломи ќе бидат признаени насекаде низ Европа!
Младите ќе можат полесно да најдат работа по струка овде, во Прилеп и во Македонија!
Нашите млади ќе имаат еднакви шанси за учество во европскиот пазар на труд, исто како и нивните врсници од Европа!

Со зголемување на младинската конкурентност на пазарот на трудот во Македонија, ќе се намали младинската невработеност, младинската емиграција и одливот на мозоци во странство.
Ќе го зголемиме квалитетот на пазарот на трудот во Македонија, што директно ќе води кон услови за нови инвестиции, нови работни места и повисоки плати.

За споредба, во Хрватска, вработеноста кај младите се зголемила од 26.4% во 2013 на 43.1% во 2017 година.

Со интеграцијата во ЕУ, нашите млади добиваат бесплатни студии, размени, обуки. Само преку програмата Еразмус+ се вложуваат над 14 милијарди евра во стручно и занаетско образование, како и дообразување на младите во било кој дел од Европа.

Дополнително, еден од клучните проекти на Европската Унија за младите е Младинската гаранција, дел од Европскиот столб за социјални права. Преку Младинската гаранција, младите до 25 г. кои не се во образовен ниту во работен однос, имаат можност да станат конкурентни на пазарот на трудот преку дообразование, практиканство или обуки.

До сега, ЕУ има инвестирано 8.8 милијарди евра во Младинската гаранција. Од 2014 наваму, секоја година 3.5 милиони млади во Европа се корисници на Младинската гаранција. Половина од нив се во работен однос или во образовен процес 12 месеци по станувањето корисник на Младинската Гаранција.

Заради сите овие придобивки, заради историската шанса којашто е пред нас, сега е време сите заедно и обединети да излеземе за нашата иднина.

На 30-ти септември излегуваме за европска иднина на младите, тука во Македонија!