Писмена реакција на прес од ВМРО-ДПМНЕ Прилеп

Почитувани граѓани,

На неделното референдумско изјаснување, 610.000 граѓани на нашата држава рекоа дека се ЗА влез на Македонија во ЕУ и НАТО. На тој начин, македонските граѓани на недвосмислен начин покажаа дека не сакаат да бидат заложници на ретроградните политики на ВМРО-ДПМНЕ, дека не сакаат изолација, туку интеграција во во големото семејство на европските народи.

После еден ваков резултат и јасно изразена волја на граѓаните, да се излезе на прес конференција со цел да се манипулира јавноста, да се извртува вистината и, што е уште пострашно, граѓаните кои се изјасниле ЗА да се нарекуваат “квислинзи и современи фашисти“, e најдобар доказ за односот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот координатор Петар Ристески, кон своите сограѓани.

Господине Ристески, разбирлив ни е вашиот страв од револтот кој членовите на вашата партија го имаат кон вас, а кој се должи на вашата неспособност да ја водите партијата, како и заради зачестените порази кои ги доживувате како на централно така и на локално ниво.

Меѓутоа, тоа што ги вреѓате и клеветите прилепчани и што очајнички се обидувате поразот да го претворите во победа, не ги оправдува лагите со кои се служите, како последна шанса по секоја цена да ја зачувате разнишаната партиска фотелја.

Во неделата, во крајно фер, мирна и демократската атмосфера, без ниту еден единствен инцидент, над 90 отсто од граѓаните се изјаснија за влез на Македонија во евро-атлантските интеграции. Вие сте последниот кој има право да зборува за наводни притисоци врз граѓаните од страна на директори на јавни институции. Таквиот начин на вршење тортура и мобинг врз вработените во државните институции, беше одлика на 12 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Впрочем, целата македонска јавност беше сведок како вие, како директор на прилепската болница, им се заканувате на вработените и им кажувате дека тие не биле вработени во здравствената установа затоа што биле способни, туку затоа што, како што им рековте “партијата им дала парче леб“.

Тоа време, господине Ристески, заврши и никогаш повеќе нема да се врати.

Македонија цврсто и непоколебливо чекори напред.

Мнозинството граѓани на Прилеп и Македонија ги поддржуваат политиките на Коалицијата за европска Македонија.

Македонија ќе биде член и на НАТО и на ЕУ.

Центар за комуникации со јавност

ОО СДСМ Прилеп