promocija programa hari lokvenec prilep 02Обраќање на идниот градоначалник на Прилеп, Хари Локвенец, на презентацијата на програмата и советничката листа на Сојузот за иднината за претстојните Локални избори.

 

Нека се знаe, нека се повторува и никогаш да не се заборави. Прилеп во срце се носи. И за овој град се ќе направиме. Тоа е нашето мото.

Драги мои Прилепчани,

драги пријатели, комшии, браќа и сестри,

драги коалициски партнери и соборци од Сојузот за иднина,

другарки и другари од СДСМ, добровечер.

На жените сакам да им го честитам вчерашниот празник 8 март. Ви посакувам секој ден, како на 8 март, луѓето околу вас да ви покажуваат колку ве ценат, почитуваат и сакаат.

Во Прилеп, тешко се живее. Невработеноста е голема, а сиромаштијата уште поголема. Ама ние не се предаваме. Прилеп повеќе од 60 дена беше предводник на ОТПОРОТ. Прилеп победи во борбата за демократија и слобода. Сигурен сум дека ќе победиме и на локалните избори.

Дури овие од ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп молчеа кога Благородна Дулиќ ги нарече прилепчани мајмуни, во исто време им изгласаа амнестија на УЧК и го изгласаа Талат Џафери за Министер за одбрана. Немааат ни лице ни образ за политика.

А мене ме обвинуваа дека немам програма. Дека немам проекти. Програмата е готова. Проектите се спремни. И тоа пишувани заедно со граѓаните. Заедно ги определивме приоритетите. Убеден во нашата заедничка победа јас сега мислам и работам, како да ги имплементирам тие проекти. Затоа бев во Германија, и затоа донесов 8 пратеници од Германија во Прилеп.

Глвна поента во мојата програма и во мојот мандат ќе биде борбата со невработеноста. Имаме многу паметни и учени млади луѓе кои се без работа. Затоа во мојата програма имам решенија за невработените педагози, доктори, правници, економисти и други.

Приоритет мора да бидат новите работни места во реалниот сектор. Лујџе, ние мора да ги искористиме природните ресурси. Имаме мермер, плодна земја, сонце. Го имаме Мариово како најголем ресурсен центар. Имаме силна прехранбената индустрија. Имаме јака суровинска база.

Со мене општината нема да биде арачлија. Јас сфатив, и крајно време е сите да сфатиме дека со Прилеп не се владее. На Прилеп може само да му служиш. Со мене, општината ќе биде, сојузник на малото стопанство.

Ќе основаме општински центар за изучување на занаети и ќе дадеме даночни олеснувања за занаетчиите. Ќе основаме Business Start up Center, ќе го помагаме развојот на малите семејни бизниси, ќе основаме Фонд за изготвување на Европски проекти. Мојата визија е Прилеп да биде град на иновации и претприемачи.

Втора поента, а подеднакво важна ќе ми биде борба со сиромаштија. Што ќе направиме да ги спасиме Прилепчани од сиромаштијата? Ќе основаме општински фонд за борба против сиромаштијата. Ќе воведиме донации: 100 евра за секоја родилка и 100 евра за новосклучени бракови. За радост и за помош, алал да им се парите.

Ќе изградиме станови за социјалци. Ќе дадеме дополнителна помош за ученици од социјално загрозени семејства, за пензионери со мали пензии, и помош за самохрани родители. На сиромашните треба да им подадеме рака. Секој да има минимален приход за достоинствен живот.

Образованието ќе го направиме достапно за сите. Ќе изградиме нови основни училишта. Ќе има бесплатна ужинка и екскурзија за дечињата од социјално ранливите категории. Ќе отвориме центри за дневен престој на основците. Општината ќе ги поддржи младите прилепски таленти и ќе воведе проект “Стипендии за најдобрите ученици и спортисти„.

За подобрување на здравството и социјалната заштита ќе основаме центри за ран детски развој, четири нови детски градински, целодневна настава. Ќе има општински сервис за семејствата, поголема вклученост на лицата со посебни потреби. Ќе изградиме нови објекти за здравствени услуги во селата и брза помош во Тризла 2, и центар за зависници од дрога и алкохол. Ќе почнеме редовна хуманитарна акција “Ден на семејството“ и волонтерски сервис за нега на старите лица.

Земјоделецот е нашата основна грижа. Ќе формираме координативно тело за развој на земјоделието, ќе изготвиме стратегија за органско земјоделско производство и стратегија за помош на земјоделците. Со нашиот проект “Зелена иницијатива“ ќе воведеме општински сектор за земјоделски семејства, сектор за унапредување на руралните населени места, сектор за европска земјоделска политика и сектор за меѓугранична соработка. Имаме проект “Млеко од прилепски фарми“ и проект за полесен пристап до ИПАРД, финансиските средства од ЕУ за земјоделие.

Ќе ги исчистиме одводните канали. Мора да ги исушиме селските бари и да изградиме нови поила за стоката. Мора да го доградиме и реставрираме хидросистемот. Ќе изградиме нови 500 микроакумулции. Запамтете, 500. Знам дека многу прашина се крена околу ова, ама попосле ќе ви покажам како ќе го направиме тоа.

Голема поента во програмата ми е мое маало, мое село. Ова значи дека имам проекти и решенија и за Тројкрсти, Чепигово, Шелеверци, за Загорани, Беровци, Галичани, Кадино Село, Мало и Големо Коњари, Ново Лагово, Алинци, Тополчани, Ерековци, Селце, Мажучиште, Подмол, Канатларци, Лопатица, Бонче и за цело Мариово.

Прилеп ќе го направиме да биде пофункционален град. Нема повеќе да има поплави во Прилеп – ќе направиме одводен канал на Селечка. Ќе изработиме физибилити студија за уредување на градската река и ќе изградиме четири нови мостови. Имаме решение за санитарната депонија “Алинци„. Ќе изградиме современи градски јавни тоалети.

Ќе пробиеме и ќе асфалтираме патен правец меѓу вештачкото езеро и преминот Плетвар. Ќе ги реконструираме постојните патишта до вештачкото езеро и до новите градски гробишта со осветлени пешачки и велосипедски патеки. Ќе изградиме заштитена пешачка патека на улиците Леце Котески и Савска.

Ќе ги санираме фасадите на училиштата за заштеда на топлинска енергија. Прилеп ќе го гасифицираме. Ќе го гасифицираме. Ако можеа Струмица и Куманово, сигурно можиме и ние.

Во областа на културата, ќе ја популаризираме и збогатиме програмата на театарските игри “Војдан Чернодрински“. Ќе ги брендираме и промовираме локалните гастрономски специјалитети. Ќе ја реновираме старата Турска бања. Ќе организираме Младински Културен Центар.

Со мене како градоначалник, општината ќе биде блиску до граѓаните. Ова значи дека општинската администрација ќе биде слуга на прилепчани. Ќе ги намалам цените на комуналните давачки и такси. И без тоа тешко се живее во Прилеп, уште арач да се плаќа на општината. Ќе формираме совети во урбаните единици, совет за соработка со здруженија на граѓани, и координативно тело за економски развој. Ќе формираме општински фонд за обештетување од елементарни непогоди.

Драги пријатели,

сега сакам на кратко да ви ги претставам моите главни, капитални, проекти. Убеден сум дека овие проекти ќе донесат развој на економијата и напредок во Прилеп. Со овие проекти ќе донесеме нова надеж во Прилеп.

Прво сакам да ви го претставам проектот 500 микроакумулации. Тие отвораат можност за брз економски развој.

Микроакумулациите се стратешко, долгорочно, планско и техничко решение кое ќе овозможи наводнување на земјоделското земјиште во нашата Пелагонија.

Имаме дефинирано над 500 профили за изградба на микоакумулации. Сакаме да опфатиме 40 милиони метри кубни вода во акумулациите, со која ќе може да се наводнуваат 20 илјади хектари земјоделско обработливо земјиште.

Ова е крупен зафат кој ќе биде голем предизвик. За секој индивидуален земјоделец, за сите физички и правни лица, дури и за странските инвеститори. На сите нив на располагање ќе им ги дадеме сите технички информации за микроакумулациите. Покрај тоа општината ќе користи средства од буџетот, фондови, донации и кредити за изградба на микроакумулации.

Идејата на вториот проект е Маркови Кули да ги искористиме како економски потенцијал. Марковите Кули ќе ги внесиме во листата на УНЕСКО. Ова подрачје погодно за туризам и рекреација е од непроценливо природно и културно богатство. Треба да го понудиме на домашната и странската јавност.

За таа цел че изградиме соодветна туристичка инфраструктура: Средновековен пат: Прилеп – Дабница – Манастир Трескавец, Северо-Источна заобиколница околу Марковите Кули, набљудувачници и амбиентални пунктови.

Ќе организираме алтернативни облици на туризам: Културен, манастирски, селски, туризам за геолошки содржини, алпинизам, и научен туризам.

Ќе се уредат повеќе туристички пунктови: Маркови Кули, плато околу црквата Свети Димитрија, манастирот Трескавец, куќа Дабовиќ, Дабница, Дупјачани, Горно Село и други.

Ќе уредиме угостителските објекти: Акропола Маркови Кули, Под Кули, Дабовиќ и други. Тоа ќе ни даде подлога да се организираат меѓународни, национални и локални проекти за истражување, организирање на разни семинари, школи и работилници. Просторот ќе биде соодветен за организирање на стопански активности, изложби и спортски манифестации.

Третиот, и најважен проект, е ГАСИФИКАЦИЈАТА на Прилеп. Тоа е најголемиот инфраструктурен проект каков што не е изграден досега. Сериозно се ангажираме за изградба на гасоводен систем во Прилеп.

Студијата што ја направивме покажува дека со гасификацијата на Прилеп стопанските субјекти и сите граѓани во општината ќе имаат пристап до квалитетен и ефтин енергенс.

Директна корист од гасификацијата ќе имаат првенствено: стопанските капацитети кои имаат потреба од процесна и топлинска енергија. Потоа, корист ќе имаат јавните институции, училиштата и детските градинки, здравството, а најмногу сите домаќинства без разлика дали се во згради или во индивидуални куќи.

Гасот може да се користи насекаде: во бизнисот, занаетчиството, земјоделството и како гориво за сите возила. Ќе овозможиме изградба на постројки за производство на биогас преку рециклирање на био-отпад. Од тоа ќе имаме двојна корист. Ем ќе има гас за потребите на граѓаните, ем ќе се намали отпадот. Понатаму ќе се намали употребата на нафта, бензин, мазут. Ќе се намали употребата на огревно дрво.

Со овој проект Прилеп ќе се препороди. Ви ветувам. Ќе го подобриме стандардот на живот. Прилеп ќе стане Европски град.

Почитувани пријатели,

одиме понатаму. Следниот капитален проект е салата Македонија да биде мултинаменски центар. Сега салата Македонија е надвор од употреба. Жалосно е што се распаѓа под забот на времето. Најспортскиот град нема простор за спортување на младите, за спортските здруженија и школите.

Моето решение е салата Македонија да биде современ спортски, културен и комерцијален центар на површина од 14, 500 метри квадратни. Тоа ќе биде репрезентативен спортски објект со голема спортска сала, со сала за мали спортови, со олимписки базен, куглана и сауна.

За развој на трговијата и угостителството, во комплексот ќе има трговски центар, ресторани, кафуле со летна тераса и кино сала.

На крај сакам да ви ги презентирам суштинските проекти за локален економски развој и за нови вработувања. Општината конечно ќе ја земе судбината во свои раце. Сите чинители ќе бидат ангажирани во тој процес. Ќе подготвиме стратегија за нов стопански импулс, за развој и нови работни места. Ќе основаме посебни зони за производство, услужни и трговски дејности.

Имаме урбанистички план за индустриска зона “Бегова ливада„. Зоната опфаќа приближно 40 хектари. Во планот има предвидено 30 градежни парцели со основна намена за лесна и незагадувачка индустрија.

Имаме детален урбанистички план за индустриска зона “Старо Лаговор“. Оваа зона опфаќа приближно 60 хектари. Тоа ќе биде уште една стимулација за економски развој и за нови работни места во Прилеп.

Ќе поставиме современа инфраструктура во Прилеп и сите населени места. Тоа значи секое населено место ќе има современ водовод и канализација.

На крај сакам им испратам порака на младите. Сведоци сме дека младите масовно се иселуваат од Прилеп. Тоа е последица на лошите економски услови и за жал тие немаат можност тука да реализираат.

Моите програми за младите се смислени од младите. Имам верба во нивниот потенцијал. Планирам општината да стане бизнис инкубатор за развој на младинските идеи. Да им дадеме можност младите сами да го трасираат својот пат. А општината сесрдно ќе помага и ќе биде активен партнер на младите,

Драги мои,

знам дека предолго зборував. Верувајте дека ова е кратка презентација на мојата програма. Во печатената програма има уште проекти, на долго и нашироко. Програмата е реална и остварлива. Ова победничката програма. И тоа е одлична вест за сите нас.

Но тоа не е доволно за победа. Од утре тргнуваме од врата до врата. Да зборуваме со граѓаните. Да ги презентираме нашите проекти и заложби. Одиме да ја побараме нивната доверба и овие да ги изгазиме на избори.

Од утре зборувајте со сите ваши комшии, пријатели, роднини и другари. Ве повикувам, бидете промотори, мисионери на добрата мисла и позитивната енергија која сите вечерва овде ја создадовме. Само немојте да бидете долги како јас вечерва.

Доволно е да им го кажете следново: Победуваме! На овие избори – Победуваме!

Ние ја сакаме нашата иднина СЕГА! И затоа велиме: ВРЕМЕ Е!

Време е за подобар живот!

Време е за развој!

Време е за просперитет!

Луѓе,

Време е Прилеп да гласа за Сојузот за иднината!