Почитувани,

Веќе една недела го спроведуваме проектот „Отвори врата за иднината”. Секаде имаме одличен прием. Секаде вратите се ширум отворени. Прилепчани сакаат подобра иднина.

Во секојдневните посети и средби ги слушаме нашите сограѓани како во еден глас велат дека безработицата и сиромаштијата се најголемите проблеми со кои се соочуваат.

За да се подобри животот на луѓето треба да се раздвижи економијата. Тоа е најважно за Прилеп и прилепчани. Зоните за економски и индустриски развој се добра идеја. Ама за жал локалната власт не направи ништо за да привлече инвестиции во истите.

Во Металец ги продадоа плацевите, но нема основна инфраструктура. Сега бараат од инвеститорите комуналии по нереално високи цени. Алинци зјае како празна ливада. Таму ни крави нема на пасење.

Касарната, која требаше да ги донесе најголемите инвестиции, испадна најголема пропаст. Има пат, струја, комплетна инфраструктура. Како локација од 2005 година е достапна на локалната самоуправа. Цели 7 години. Не донесоа ниту еден инвеститор. Нема нови фабрики. Нема нови работни места.

Бидејќи локалната самоуправа се покажа како неспособна, сега војската им ја зеде назад касарната. Војниците ќе се вратат во Прилеп. Впрочем, АРМ е секогаш добредојдена во градот херој.

Но факт е дека со сегашната општинска власт нема развој. Економијата пропаѓа, а цените растат. Струјата, огревот, храната — поскапуваат секој ден. Власта не ги гледа проблемите на народот.

Прилеп и прилепчани заслужуваат подобро, заслужуваат прогрес и развој.

Ви благодарам