Почитувани граѓани на Општина Прилеп,

Сите ние, граѓаните на Општина Прилеп, без разлика на нашата политичка, етничка, верска или каква било друга определба, подеднакво се гордееме со празникот 11.Октомври како еден од најголемите и најзначајните датуми во историјата на Република Македонија. Доказ за нашата почит кон празникот, е што митингот на СДСМ и коалицијата во Прилеп се одржува токму на овој историски датум, 11.Октомври.

Денес, со чистењето на ѓубрето од споменичниот комплекс кај месноста „Песјобрдце“, младите социјалдемократи изразија достоинствена и заслужена почит за жртвата на сите херои од НОБ. И тие, подеднакво како и нивните постари партиски другари и пријатели, отсекогаш ја искажувале целата своја почит кон сите херои и борци кои на 11.Октомври 1941 година го започнаа ослободителното движење против фашистичкиот окупатор, се’ до конечното ослободување на Прилеп на 3.Ноември 1944 година. Направениот лапсус при давањето на изјавата од партизанското спомен обележје, е плод на нашата огромна желба да ја искажеме неизмерната благодарност и почит кон сите оние кои во Револуцијата ги вградиле своите животи.

Впрочем, секој што работи и греши!

Искрено и’ се извинуваме на целата прилепска јавност, како и на сите оние кои се најдоа повредени од направената грешка. 11.Октомври бил и секогаш ќе биде во нашиот дух како граѓани почитувачи на Револуцијата и на НОБ.

Со почит,

Центар за комуникации со јавност

ОО СДСМ Прилеп