Кој гради бензиски станици во Прилеп?

06022015Изјава: Сашо Велески – Претседател на ОО СДСМ Прилеп
Почитувани,
Се наоѓаме на една атрактивна локација, којашто локалната власт долги години се обидуваше да го продаде, по пат на лицитација на потенцијален инвеститор за да изгради автобуска станица.
За жал економската ситуација, или немањето на бизнис интереси во тој момент кај инвеститорите, доведе во пет шест години никој да не се јавува на распишаните тендери.
Што се случи за да одма ова место стане атрактивно за инвеститорите, дознавме кога видовме дека во тој тендер кој го распишува Локалната самоуправа се стави можност да покрај автобуска станица се изгради и бензиска станица.

Гледате, на неполни 50 метри од постоечка бензиска станица на Макпетрол се изгради под хитно и нова бензиска станица. Патем кажано, тука беше и старата добро позната противпожарна бригада сместена во зграда кои ги исполнуваше сите услови за таа намена. Значи таа зграда се сруши и овај простор беше продаден на инвеститор којшто за кратко време по купувањето на просторот го препродаде за да тука се изгради бензиска станица на друг инвеститор.
Се поставува едно големо прашање, една голема дилема кај граѓаните на општина Прилеп. Зошто првобитната идеја ова да биде само автобуска станица пропаѓаше одредено време, а потоа стана јасно дека некои бизнис интереси, дали на локалната самоуправа, дали на некој моќници во бизнис секторот на државно ниво, превладеаја да овој простор стани атрактивен за изградба на оваа бензиска станица што е зад нас.
Друга работа што треба да се спомне е дека на оваа раскрсница требаше да се изгради кружен тек за растеретување на сообраќајот, бидејќи тука е магистралниот пат за Крушево и населените места. И наместо да се изгради кружен тек за поголем проток на сообраќај и возила, како и за сигурноста на патниците што доаѓаат од железничката станица и автобуската, овој простор се узурпираше. Не знам со кој детален урбанистички план, не знам со кој надзор, со која ревизија, секаде во светот се прошируваат раскрсниците, кај нас се стесна за добри 5-6 метри и се дозволи бензиската станица да се прошири на таа улица.
Значи што добивме тука? Добивме две бензиски станици на 10-15 метри. Не знам од еколошки аспект, за овие граѓани што живеат околу во населените места дали е дозволено и по кои стандарди се градат олку збијано овие бензиски пумпи, а и со кој сигурносен аспект? Исто така улицата што требаше да биде со најголем проток на возила сега е стеснета и во шпицот на сообраќајот се јавуваат големи проблеми со проодноста. Значи сепак можи да констатираме дека бизнис интересите доведоа до едно вакво решение во центарот на градот, на еден ваков атрактивен простор.