Илинден, е денот кој не’ обединува во сите идни предизвици

Почитувани сограѓани,

Денеска, славејќи го 2.Август 1903, почетокот на Илинденското востание, еден од најсветлите датуми во нашата историја, се сеќаваме на големото дело и саможртвата на илинденците, револуционерите, борците, на нивниот стремеж за сопствена држава. Во исто време, се сеќаваме и на 2.Август 1944 и на Првото заседание на АСНОМ, кога беа верификувани придобивките од антифашистичката борба и кога беа поставени темелите на македонската држава.

2.Август, Илинден, е денот кој треба да не’ обединува, денот кој треба да не’ потсетува на знајните и незнајни херои, кои со својата саможртва се вградиле во темелите на денешната држава. Да не’ потсетува дека она што некогаш било стремеж за слобода и сопствена држава, денеска е стремеж за градење подобар живот за нашите граѓани, борба за повеќе работни места и нови инвестиции.

Само обединети околу идејата за влез во заедницата на европските народи, во ЕУ и НАТО, ќе се избориме за подобар и посреќен живот на сегашните и идните генерации. Борбата за просперитет на нашите сограѓани и нашата татковина, никогаш не запира. Само со верба во себе и со градење меѓусебна љубов и разбирање, ќе изградиме современа и економски стабилна држава во која ќе живеат среќни граѓани.

Честит празник!

За многу години Илинден!