Економска рецесија и социјална голгота за Прилеп во 2015

sveles291214Сашо Велески – Претседател на ОО на СДСМ Прилеп

Почитувани сограѓани,

ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Марјан Ристески, изгласаа неразвоен буџет на Општина Прилеп за 2015 година. Економската рецесија и социјалната голгота за прилепчани ќе продолжи затоа што ВМРО-ДПМНЕ ниту има капацитет, ниту има желба нешто да промени.
Потврда за неспособноста на градоначалникот Ристески и ВМРО-ДПМНЕ да го подобрат економско-социјалниот живот на прилепчани, се проектираните приходи во буџетот, тежок 16.3 милиони евра.

– Приходите во буџетот од процент на персонален данок се исти како лани, што значи нема нови вработувања!
– Приходите од данок на промет на недвижности се намалени. Доказ дека никој не сака да купува и да инвестира во Прилеп.
– Приходите од комуналии се исто така намалени. Значи никој не гради во Прилеп, а власта воведува нови поскапувања на комуналиите на стамбеното домување.
– Намалени се и приходите од прадажба на земјиште. Се што беше атрактивно земјиште, парцела, локација, власта веќе го распродаде.
– Драстично се намалени и приходите од процент на ДДВ. Ова е доказ дека нема никакво позитивно поместување на животниот стандард во Прилеп, дека е намалена потрошувачката, дека чаршијата осиромашува заедно со граѓаните.
Сето ова укажува дека Прилеп и понатаму ќе биде најсиромашен град во Македонија, со најголем број на невработени лица.
Од друга страна, предвидените трошоци или расходи во буџетот го изнесоа на виделина недомаќинското работење на Ристески, и расфрлањето со народните пари.
Во услови на рекордна сиромаштија ВМРО-ДПМНЕ и Ристовски планираат да потрошат:
– 9 милиони денари за споменици и 7 милиони денари за возила;
Во буџетот за 2015 година власта не предвиде средства за нова детска градинка, неопходна за граѓаните на Прилеп. Училиштето во „Сточен Пазар” власта го намали за три пати од планираното, со само 3 училници.
Дополнително, се кратат средства за улици, за водоводни мрежи, за помош на социјалните случаи, а за спорт и спортски објекти нема ништо.

Драги сограѓани,
Оваа година беше тешка. Власта не сака да им помогне на тутунарите, на работниците во Еурокомпозит, ги уценува вработените во ТУТ-КОМ, не сака да им помогне на земјоделците, на социјалните случаи, на граѓаните. Индустриските зони во Алинци, Прилеп 1 и 2 се празни, нема инвестиции, ниту странски, ниту домашни.
Но, оваа година ќе ја запаметиме и по крајот на годината кој донесе светлина во целиот овој мрак. Разбудената општествена свет е вистинскиот патоказ за граѓаните на Република Македонија. Ве повикувам да продолжиме по тој пат и да се избориме за подобро утре.

Ви посакувам добро здравје, радост и среќа.