До дечките од канцеларијата со една квака од внатрешната страна на вратата

Писмено обраќање

ОО СДСМ Прилеп и Општинскиот Изборен Штаб максимално се посветени и насочени во извршувањето на задачите за припрема за предвремените избори и сите капацитети ги насочуваат кон политичкиот противник ВМРО ДПМНЕ, со цел победа над нивните погубни политики за Прилеп и Македонија.

Армија од партиски активисти се на терен и работат на откривање на бројните нерегуларности во избирачкиот список и во откривањето на т.н.„фантомски гласачи“.

На секој чекор, во секој дом, на секој поеднинец му приоѓаме, ја промовираме партиската програма „Визијата за Македонија“, ја шириме „Вистината за Македонија“, ги разоткриваме лажните и виртуелни политики на ДПМНЕ.

Партиските простории се преполни. Се чека ред за работни состаноци. Сѐ повеќе анализи и информации стигнуваат до нас во врска со неправилностите и злоупотребите, кои во континуитет ги правел ДПМНЕ со избирачкот список и начинот на владеење.

На кого му смета ваквата мобилизирачка и позитивна атмосфера во ОО СДСМ Прилеп?

На ВМРО-ДПМНЕ, сигурно да! Секој ден, сѐ повеќе се уплашени, ги бројат последните денови на власт.

Но, за жал, ваквата атмосфера во ОО СДСМ Прилеп им смета само на неколку поединци од нашата партија, членови на самонаречена група, која во минатото функционираше забарикадирана во канцеларијата со една квака од внатрешната страна на вратата.

Минорна група, составена од моментално политички невлијателни и тотално партиски неактивни поединци, кои практикувајќи власт во минатото , направија штета од невидени размери во СДСМ, којашто цела декада не може да се надмине и залечи.

Генерации партиски другари, кои останаа доследни на идејата на СДСМ, остареа и сѐ уште патат од последиците од „партиското владеење на локално ниво“ на оваа група и сѐ уште се сеќаваат на ароганцијата на одговорниот и затворената врата од т.н. „отворена канцеларија“. И се уште ја сакаат партијата, ја сакаат победата со празни џебови без работа, но полни со љубов и верба во идејата на СДСМ, без разлика кои луѓе го сочинуваат моменталното раководството.

И сега истите тие, поранешни моќници и играчи со туѓите човечки судбини, наоѓаат сила и мотив, за поддршка сѐ уште не знаеме , повторно да излезат од дното и под сенката на таканаречени нови медиуми и третокласни полуопозициски портали, кукавички, да ја критикуваат ОО СДСМ Прилеп, на која и припаѓаат. Се надеваме дека сѐ уште ја сакаат партијата, но факт е дека и некои најистакнати членови на групата од канцеларијата со „една квака“ не толку одамна беа видени на промоции и конвенции на партии кои се денес на власт.

Други личности од истата таа група, за партијата се интересираат само кога има некој оглас за комисија на државно ниво, каде платата е над 100.000,00 денари. Откако добро лично профитираа на сметка на партијата и од позиција на власт не помогнаа на ниту еден партиски другар, денес забиваат нож во грб на ОО СДСМ Прилеп.

Во паника, скриени зад заедничките текстови со т.н. новинари, кои никогаш не биле и нема да бидат тоа, се трудат да нанесат штета на моментално раководниот тим на ОО СДСМ, користејќи лаги, конструкции и највалкани методи за деградација и навреди. Се обидуваа тие валкани методи да ги искористат и преку судски спорови, кои нормално ги загубија.

„Другари“ од канцеларијата со „една квака“, ОО СДСМ Прилеп е на 3-ти спрат во поранешниот хотел „Скопје“, најгоре. На сите простории има по две кваки и се отворени за сите. Ќе се напиеме чај со малку шеќер и ретко кафе. Дојдете и во очи гледајте не и критикувајте до бескрај. Тука е местото. Секој што работи и греши, заедно ќе се корегираме.

Дојдете, ве нема 3 години. Дојдете на закажаните прес конференции, видете колку проекти и акции се сработени, колку прес конференции се реализирани, видете што работат вашите другари, на кои им го свртивте грбот кога им беше најтешко.

Сигурно правиме грешки, укажете ни директно во очи, на маса, машки и другарски, ако воопшто знаете што значи тој збор, да направиме нешто полезно за нашите сограѓани, за нашите членови, за нашиот град, за нашата држава.

Да вложевте барем 5% од тоа ние што го потрошивме и вложивме да победиме во битката со режимот, членството ќе ви дадеше да бидете наше раководство. Да, во еден период победивте, така милувате да кажете. Но, заради вашите грешки, вашата ароганција и негрижа кон членството, вашите лични апетити и тесни интереси, изгубивме, и губиме 10 години.

Скалите до просториите на ОО СДСМ Прилеп не се страшни. Канцелариите се малку ладни, но полни со другари. Штедиме на струја, ги вративме наследените долгови од десетици илјади евра.

Членовите на ОО СДСМ Прилеп нема никогаш да ви ги заборават вашите подривања и минирања на активностите, но, гарантираме дека ќе ви простат, ако заедно рамо до рамо со нив, застанете во оваа историска битка со режимот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Вака, нема со кого кафе да пиете, се збирате сите (тројца до петмина) и наместо да се здружиме, вие мислите како да направите штета на СДСМ. Ниту гнасната кујна на ВМРО-ДПМНЕ не може да смисли повалкана стратегија кон противник. Или можи, или пак можеби заедно со вас?

„Другари“ од канцеларијата со „една квака“ дојдете,  кажете нешто на некој состанок, гугнете нешто против ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Ристески на кои на тацна им ја оставивте власта. Барем еднаш направете нешто добро за ОО СДСМ Прилеп, доста се криете зад лажните револуционери. Благодарение на вашите постапки од минатото, денес точно знаеме какви не треба да бидеме!

Денес ОО СДСМ Прилеп е силна како никогаш претходно. Нема да дозволиме поединци да го срушат единството во борбата за слобода. Без разлика што вие правите, колку и да му помагате на режимот со вашите диверзии, на следните избори ПОБЕДУВАМЕ.

Имате последна шанса да се приклучите на победничката опција!

ОО СДСМ Прилеп